Емотикони што ве издаваат дека сте повозрасни (а за помладите се навредливи)
Колку често ви се случило да бидете погрешно разбрани во писмена комуникација на социјалните мрежи?
Според најупатените, генерацијата што е родена по 1997-ма година, а е позната како генерација Z, на сосема поинаков начин ги употребува емотиконите од нивните претходници – милениумците, па затоа се создава генерациски јаз и недоразбирање меѓу овие две групи на луѓе.
За да биде појасно, во генерацијата „Милениумци“, спаѓаат сите оние што се родени во периодот од 1981-ва до 1996-та година, а во генерацијата Z, оние што се родени од 1997-ма година до 2012-та.
Иако навидум се генерациски блиски, меѓу овие две генерации, сепак постојат суштински разлики, а според Кит Брони, кој е уредник на Emojipedia и експерт за комуникација за емотикони, тоа може да се забележи и во начинот на кој комуницираат на социјалните мрежи.
Од генерација до генерација, може да се забележи развој на значењето на емотиконите, a ако не сте свесни за тоа, многу лесно може да дојде до недоразбирања, особено ако најголем дел од комуникацијата со другите луѓе ви се одвива преку социјалните мрежи.
Кои емотикони се сосема нормални за повозрасните, а може да бидат погрешно сфатени од помладите генерации?
Палец нагоре или „лајк“
Овој емотикон често се користи како реакција за нешто што ни се допаѓа. И милениумците го користат редовно, токму заради тоа што беше и меѓу првите емотикони што се користеа уште во 2009-та година кога Фејсбук беше на почетоците, а оние родени по 1997-ма година беа уште млади за да имаат профили на социјалната мрежа.
Денес, тие што се родени по 1997-ма година, сметаат дека одговорот со палец нагоре или „лајк“ е навредлив, затоа што означува дека соговорникот не сака да се потруди да даде конкретен одговор, или смета дека тој од другата страна не го заслужува неговото време и внимание.
Лице со блага насмевка
Уште еден емотикон што се врзува со почетоците на користење на интернетот, социјалните мрежи и нивниот претходник „mIRC“.
Но, за помладите корисници, овој емотикон е навредлив, затоа што укажува на саркастично смеење или лутење.
Бидете јасни дека се смеете (на глас)
Наместо да користите лице со блага насмевка, помладите корисници се чувствуваат подобро кога ќе добијат емотикон со широка насмевка, затоа што подобро ги изразува емоциите на соговорникот.