Трикови за да откриете дали накитот што го купувате е вистински или копија?
Знаете ли дека вистинските бисери имаат рапава површина, а не мазна и дека трагите од креда прават сребрениот накит да поцрни? Како може да откриете дека накитот што го купувате е вистински, а не евтина копија?
Парите потрошени за накит се инвестиција, а не луксуз. Тоа го знаат сите, затоа што се свесни дека златниот накит лесно може да биде продаден, а понекогаш се случува при продажбата да заработите и повеќе од тоа што претходно сте го вложиле.
Колкупати сте се запрашале како можете со сигурност да знаете дали накитот што го купувате е вистински, а не евтина копија?
Факт е дека многу лесно можат да се направат жигови, вистинските камења да бидат заменети со пластика, а на пазарите може да сретнете и бижутерија која наликува на скап накит.
Кои ситни детали укажуваат на тоа дека накитот што сте го купиле е копија и залудно сте потрошиле многу пари?
Жиг
Најлесен начин за да откриете од каков метал е изработен накитот е да го проверите жигот.
Притоа водете сметка дека броевите на жигот се напишани јасно и дека се лесно читливи, без неправилности.
За да дознаете колкав е процентот на благородни метали во накитот, во главата ставете си запирка меѓу втората и третата цифра на жигот. Така, ако ознаката е 925, тоа значи дека накитот е изработен од 92,5 отсто чист благороден метал.
Жигови за злато: 375, 500, 583, 585, 750, 916, 958, 999;
Жигови за сребро: 800, 830, 875, 925, 960, 999;
Жигови за платина: 850, 900, 950, 999.
Проверете со магнет
За да дознаете дали се работи за накит од вистинско злато или само за позлатена копија, можете да направите тест со магнет.
Оригиналниот накит со висок процент на благороден метал нема да се залепи за металот. Ако, пак, магнетот го привлече, тогаш станува збор за позлатена реплика изработена од обични метали.
Сребро или платина
Во однос на бојата, среброто и платината изгледаат слично, па затоа лесно може да бидат помешани, иако постои огромна разлика во цената меѓу нив.
Потребно е да обрнете внимание на неколку детали. Сребрениот накит обично има поцрни делови и лесно се витка, додека тоа не е случај кај накитот од платина.
Дали среброто е вистинско?
Љубителите на сребро можат да проверат дали купиле вистински сребрен накит ако го протријат со обична креда. Ако почне да потемнува, тогаш имате накит од вистинско сребро.
За злато користете јод
За да се уверите дека златото е вистинско, можете да користите јод. Ако остане дамка по тестот, тогаш станува збор за копија или за накит кој има мал процент на злато во него.
На накитот од бело злато, јодот остава темна трага. Колку е потемна бојата на дамката, толку е поквалитетен накитот.