Ал Капоне не се плашел од никого, освен од духот на човекот што го убил – Подемот и падот на најпознатиот криминалец во светот
Во последните години од својот живот бил прогонуван од духот на човекот што го убил, кого го нарекувал Џими. За време на своето владеење не се плашел од никој жив, но секоја вечер врескал во сон и бил преплашен од духот. Неколку помалку познати факти за Ал Капоне.
Кога ќе се спомне поимот познати криминалци, речиси секогаш прво на ум ни паѓа името Ал Капоне. Ќе остане запомнет по тоа што за помалку од една деценија додека владеел со подземјето на Чикаго, успеал да заработи 100 милиони долари, што денес вредат околу 1,5 милијарди.
Ал Капоне бил роден во 1899-тата година како Алфонс Капоне, во семејство на италијански имигранти работници. Неговиот татко Габриел дошол во САД во 1893-тата година, или само пет години пред Ал да биде роден. Ал Капоне е четврто од деветте деца во неговото семејство.
Бил одгледан во скромно семејство, но отсекогаш сакал да направи нешто повеќе во животот.
На 14-годишна возраст Ал бил избркан од училиште затоа што нападнал наставник и по ова никогаш не го завршил образованието, туку се сконцентрирал на тоа полека, но сигурно да се издигне во редовите на мафијата.
Откако го напуштил училиштето работел како продавач, во куглана, во фабрика за оружје, па дури и во печатница за книги, а истовремено бил член на подмладокот на бандите во Њујорк - South Brooklyn Rippers и Forty Thieves Juniors.
По ова се приклучил на бандата James Street Boys која била предводена од Џони Торио, кој ќе го земе под своја заштита и ќе му биде ментор. Кога Џони ќе одлучи да се сели од Њујорк во Чикаго, Капоне секако ќе оди со него.
Почетоците на мафијашката „кариера“ на Капоне се врзуваат за времето кога работел како обезбедување во бордел во Њујорк што бил во сопственост на блискиот соработник на Торио, Френки Јејл.
Во овој бордел се случиле два важни настани од животот на Капоне: при напад со нож ќе добие лузна на лицето со што ќе го добие прекарот Scarface, што го мразел, а за време на сексуален однос со проститутка ќе се зарази со сифилис.
Се претпоставува дека Капоне премногу се срамел од полово преносливата болест, така што воопшто не сакал да се лекува.
На чело на чикашката фамилија ќе застане во 1925-тата година, кога неговиот ментор Торио по престој во затвор ќе одлучи да се пензионира во Италија.
Своето богатство Капоне го стекнал во најголем дел со шверц на алкохол за време на Прохибицијата, кога во САД консумирањето алкохол било во целост забрането.
„Јас сум само бизнисмен што им го дава на луѓето тоа што го бараат“ – велел тој.
Во Чикаго во тој период биле доминантни две гангстерски групи, Групата од Северниот дел (North Side Gang) предводена од Ирците и Групата од Јужниот дел (South Side Gang) предводена од Италијанците и Ал Капоне.
Својата репутација на безмилосен криминалец Капоне ќе ја стекне во 1929-тата година кога на 14-ти февруари ќе го организира „Масакрот на Денот на вљубените“ во кој ќе ја „избрише“ конкуренцијата.
Во масакрот бил убиен дотогашниот лидер на ирската мафија Џорџ „Багс“ Моран и уште шестмина други. За масакрот само се претпоставува дека бил организиран од Ал Капоне, но никогаш не било докажано дека тој стои зад него.
Според официјалните податоци, нападот бил извршен од четири непознати лица, од кои двајца биле облечени во полициски униформи.
Кога единствениот преживеан во нападот, Френк Гусенберг, бил пренесен во болница со 14 прострелни рани, полицијата му поставила прашање кој го застрелал, а тој одговорил:
„Никој не пукаше во мене!“
Во периодот додека бил на чело на италијанската мафија Ал Капоне успевал да избегне затвор преку подмитување полициски службеници и заплашување сведоци, а првпат бил уапсен во 1929-тата година за недозволено носење оружје. Во 1931-вата година ФБИ конечно успеала трајно да го стави „зад решетки“ поради избегнување данок.
Во октомври 1931-вата година Капоне бил осуден на 11-годишна затворска казна. Во периодот од 1932 до 1934 бил сместен во затворот во Атланта, но од 1934 бил пренесен во затворот Алкатраз.
Уште еден интересен и помалку познат факт за Капоне е дека за време на својот живот тој се плашел само од духот на човекот што го убил. Целата приказна почнала во 1929-тата година, кога Капоне за првпат бил во затвор за недозволено носење оружје.
Се вели дека познатиот лидер на мафијата навечер се будел и го молел „Џими да го остави на мир“.
Ова се случувало и подоцна кога Капоне бил пуштен на слобода. Кога се вратил дома, членовите на неговото обезбедување навечер многупати трчале во неговата соба затоа што мислеле дека е нападнат, а го наоѓале својот лидер преплашен и сам.
Често се вели дека ова е почетокот на крајот на Капоне. Се претпоставува дека таквото налудничаво однесување било последица на тоа што нелекуваниот сифилис веќе почнал да ги напаѓа неговите мозочни клетки.
Во 1939-тата година бил пуштен од затвор поради влошена здравствена состојба, односно прогресивна парализа која се јавила како последица на долго нелекуваниот сифилис.
Последните години од животот ги поминал на неговиот имот во Мајами каде во 1947-та година починал од срцев удар. Според известувањата на лекарите, нивото на интелигенција на Капоне пред смртта било исто како на 12-годишно момче.
Б. С. Б. | Црнобело