Црквата се противела за нејзината песна, потекнува од Грција – 8 факти за претставничката на Кипар за Евровизија, Елена Цaгрину
Се бави со музика уште од најрана возраст, работи и како ТВ водителка, а на почетокот Црквата во Кипар се противела на нејзината евровизиска песна бидејќи „промовирала сатанизам“.
Елена Цагрину е претставник на Кипар на овогодишната Евровизија, со песната насловена El Diablo. Со забавната песна и интересниот настап Елена ѝ обезбеди место во финале на Кипар.
Исто така, според прогнозите, песната на Елена е една од омилените и има добри шанси за победа.
Во продолжение, пак, можете да дознаете нешто повеќе за претставничката од Кипар:
Иако Елена настапуваше за Кипар, таа всушност потекнува од Грција. Родена е во Атина во 1994 година.
Елена заплива во музичките води уште во детството, а на само 14 години стана полу-финалист во популарното шоу „Грција има талент“.
Младата пејачка почна да се прославува во 2013-та, како дел од грчката група OtherView. Во 2018-та, пак, ја напушти групата и ја почна нејзината соло кариера.
Тимот на Елена е составен од врвни професионалци. Односно, таа соработува со луѓе кои имаат пишувано песни за Џенифер Лопез, Енрике Иглесијас и Питбул. Токму овие експерти ѝ помогнаа и во пишувањето на евровизиската песна. Па, не е ни чудно што таа е еден од најголемите фаворити.
Елена не е само пејачка, туку и ТВ водителка. Таа беше една од водителите на шоуто The Voice of Greece во периодот 2016-2017 година, а има работено и за MAD TV – еден од водечките музички ТВ канали и во Грција, и во Кипар.
Всушност, Елена е девојка со многу таленти – таа го има позајмувано нејзиниот глас за синхронизација на грчки на многу популарни цртани и серии.
Покрај натрупаниот распоред, Елена успева да најде време и за добротворна работа. Покрај тоа што сака да донира, Елена беше дел од кампања преку која таа со уште неколку музичари направи песна со цел да се соберат пари за Ark of the World – непрофитна организација која се залага за безбедноста на мајките и децата.
Црквата во Кипар побарала евровизиската песна на Елена да биде повлечена.
Песната е насловена El Diablo, односно ѓавол, па Црквата сметала дека е промоција на сатанизмот, опишувајќи ги стиховите како „провокативни и неприфатливи“. По обвиненијата на Црквата, се огласи и тимот на Елена, изјавувајќи дека е повеќе од очигледно дека песната е алегорија за жена која успеала да избега од токсична врска.