Бил инспириран од Александар Велики, го убил синот Мустафа - факти за Величествениот султан Сулејман
Турската серија „Сулејман Величествениот“ предизвика огромен интерес за личноста и делото на турскиот султан Сулејман I, како еден од најистакнатите ликови од Османлиската династија.
Султан Сулејман бил роден во 1495 година, а починал во 1566 година.
Во Турција запаметен како „Сулејман Законодавецот“, додека прекарот „Величествениот“ го добил од Западот, за време на големите воени освојувања кои ги извршил низ сиот свој живот.
Поседувал врховен исламски авторитет кој го стекнал од својот татко Селим, а тоа подразбирало обезглавување дури и на највисоките функционери, односно секој поединец кој ќе покажел најмало непочитување и отстапување од воведените норми и закони очекувал најстроги казни, како доживотна зандана или смрт.
Познат како најмоќен султан во целата Отоманска историја, тој владеел цели 46 години со извонредна моќ и контрола врз империјата.
Со Отоманската империја управувал во периодот од 1520 до 1566 г. и со тоа се издвоил како Султан кој најдолго се задржал на престолот од сите претходни и идни султани.
Сулејман Величествениот зборувал пет јазици и тоа: отомански, арапски, чагатаи, персиски и српски јазик.
Особено значење во неговиот живот зазема неговата Султанија Хурем, со која имал 5 деца: Мехмед, Михримах, Селим, Бајазид и Џихангир.
Постариот син Мустафа го добил од најголемата соперничка на Хурем - Махидевран Султан.
Во продолжение ви наведуваме интересни, а воедно и најважни факти за еден од најмоќните лидери во историјата:
16 век е познат и како „Ера на кралевите“
Тудорите: Хенри VIII и Елизабета Прва од Англија, Иван Грозни од Русија, Френсис I од Франција, светиот римски император Чарлс V, сите биле современици на Сулејман Величествениот.
Негов татко бил султанот Селим Први, а неговата мајка Валидe Султанија Ајше Хафса
Се здобил со одлично образование и обука, доследна за иден лидер на една од најголемите и највлијателните империи во тоа време.
На седумгодишна возраст, Сулејман е испратен да студира историја, наука, литература, теологија и воена тактика во престижните училишта во палатата Топкапи, во Цариград.
Султан Сулејман имал особени афинитети кон пишувањето поезија и изработувањето на накит
Тој исто така бил голем покровител на уметноста, архитектурата, калиграфијата, вооружувањето, текстилот и дрвопреработката.
Неговото владеење се сметало за „златната доба“ на отоманската култура.
Тој особено ѝ пишувал стихови на својата животна љубов, Хурем Султанија.
Според некои историчари, Сулејман бил фасциниран од животот и делото на Александар Велики, на кого се восхитувал
Всушност, од него добил инспирација да креира светска империја која би ги споила Западот и Истокот.
Долги години, главен архитект кој му служел на Султанот бил маестралниот Мимар Синан
Неколку негови познати ремек-дела се: Селимовата џамија во Одрин, Џамијата на Михримах, Џамијата на Рустем Паша и најпознатата Сулејманова џамија.
Гробниците на Султанот Сулејман и неговата сакана Хурем можат да се видат веднаш до Сулејмановата џамија, во „срцето“ на историскиот Истанбул.
Роб по име Паргали Ибрахим бил пријател на Сулејман уште од раните, детски години
Подоцна, тој станал негов најблизок советник и Голем везир на Отоманската империја.
Сулејман дозволил Ибрахим Паша да се венча со неговата сестра Хатиџе Султан.
Султан Сулејман се смета за втор Калиф (титула на духовниот поглавар на муслиманите, кој се смета за наследник на пророкот Мухамед) на Османлискиот калифат на исламот
Како Калиф, тој понудил воена заштита на секоја муслиманска земја која била нападната од надворешните сили.
Во времето на смртта на Султан Сулејман, Османлиската Империја важела за една од најистакнатите светски сили
Неговите освојувања под закрила ги зедоа мнозинството муслимански градови (Мека, Медина, Ерусалим, Дамаск, Каиро, Багдад) многу балкански провинции (денешна територија на Австрија и Хрватска) и поголемиот дел на Северна Африка.
Неговата експанзија во централна Европа им овозможи на Отоманските Турци силно присуство на европски биланс и моќ.
Негов единствен неуспех бил познатата опсада на Виена.
Традицијата на Отоманската империја не дозволувала склучување на брак, но за првпат Сулејман го прекршил ова правило и за своја жена ја зел украинската робинка Хурем
Оваа султанија важи за една од најмоќните и највлијателни жени во Отоманската историја.
Се претпоставува дека Сулејман на крајот го убил својот најстар син, Мустафа
Многу гласини тврделе дека тој го направил тоа за да се задоволат желбите на Хурем, со тоа што со смртта на Мустафа, еден од нејзините синови ќе биде следниот Султан.
Популарноста на Мустафа била кобна за него, бидејќи Сулејман мислел дека неговата позиција е загрозена во случај на бунт.
Сепак, смртта на Мустафа го отворила патот на синовите на Хурем за преземање на престолот.
Султан Сулејман I е познат по најдолгото владеење меѓу 36 отомански султани, во текот на 624 години
Половина од својот живот тој го поминал во воени кампањи.
Целата масовна империја Сулејман Величествениот ја оставил на неговиот син, Селим II.
Една од најголемите љубовни приказни низ историјата е онаа на Сулејман Величествениот и Хурем Султан
Хурем била првата жена-советник на нејзиниот сопруг.
По нејзината смрт, Сулејман наредил целото злато, сребро и свила да се изнесат од дворецот и забранил секаков вид на прослави.
Доказ за нивната љубов се многубројните стихови кои тој и ги пишувал додека бил на поход.
„Престол на мојата душа, моето богатство, мојата љубов, мојата месечина.
Мојот најискрен пријател, мојот доверник, моето постоење, мојата Султанија,
Најубавата меѓу убавите...
Мојата пролет, мојот ден, мојата душа, цвет кој се смее...
Мојот шербет, мојата роза, единствената која не ме вознемирува на овој свет...
Мојата жена со убава коса, секогаш ќе ги пеам твоите пофалби.
Јас, љубител на маченото срце, Мухиби од очите полни со солзи, среќен сум“.
Прочитајте и По стапките на љубовта до тронот на Османлиската империја - која е Хурем Султан?
Мила М. | Црнобело