На почетокот се викале Џаспер и Џинкс, а цртаните се сметале за насилни - Том и Џери полнат 80 години!
Веројатно не сте единствените што ги нарекувавте „Томи Џери“ додека бевте малечки. Нашиот најомилен цртан од детството оваа недела го прославува својот 80-ти роденден!
Приказната на сите ни е добро позната, мачорот Том и глувчето Џери кои живеат во истата куќа и постојано се надмудруваат. Најчесто завршуваат со бесниот Том и насмеаниот Џери кој, по којзнае кој пат успеал да го насамари Том.
Популарниот цртан пар е измислен во одделението за анимација во MGM, каде што работеле авторите Бил Хана и Џо Барбера. Тие се обидувале да го постигнат успехот на другите продукциски куќи кои го направиле тоа со Мики Маус.
Креаторите на цртаниот коишто тогаш имале помалку од 30 години започнале да смислуваат свои оригинални идеи. Барбера рекол дека му се допаѓа едноставниот концепт на цртан филм со мачка и глувче кои постојано се расправаат и бркаат еден со друг.
Првата епизода е објавена во 1940 година и постигнала огромен успех. Дури му донела на студиото и номинација за Оскар за најдобар анимиран краток филм.
Сепак, менаџерите им рекле на креаторите да не ги откриваат веднаш сите свои адути. Најголемата промена се случила кога влијателна личност од Тексас им испратила писмо со прашањето кога ќе може да види уште еден прекрасен цртан филм со мачката и глувчето.
Тогаш Џаспер и Џинкс како што се нарекувале првично станале Том и Џери. Според Барбера не се дискутирално многу околу тоа дали ликовите ќе разговараат помеѓу себе.
Покрај големиот успех на Чарли Чаплин и неговите неми филмовите, авторите биле свесни дека нивните ликови може да бидат многу забавни и без дијалог.
Музиката за цртаниот филм ја компонирал Скот Бредли, а гласот за популарниот вресок на Том кој потсетува на човечко суштество го позајмил лично Бил Хана.
Во наредните 20 години, Хана и Барбера го надгледувале креирањето на повеќе од 100 кратки анимирани филмови. Секој од нив се правел по неколку недели и чинел околу 50.000 долари. Од овие причини секоја година се правеле само по неколку цртани филмови.
„Има нешто во анимацијата. Тоа е евергрин кој не старее. Тоа е како да гледате слика од 18 или 19 век и таа сè уште ви зборува“, ќе изјави историчарот на цртани филмови Џери Бек.
Интересно е што и Том и Џери се појавиле во неколку играни филмови – Џери покрај Џин Кели во филмот Anchors Aweigh во 1945 година. А Том и Џери заедно се појавиле во филм со Естер Вилијамс во 1953 година со наслов Dangerous When Wet.
Откако MGM го затвориле одделот за анимација во 1957 година, Хана и Барбера основале своја продукциска куќа. Меѓутоа, неколку години подоцна MGM решил да ги „воскресне“ Том и Џери, но без нивните оригинални автори.
Продукцијата била префрлена во Прага поради намалување на трошоците во 1961 година. Откако продукцијата ја презел Чак Џонс, неговиот тим на аниматори го направил Том со поголеми веѓи и поостро лице. Во периодот од 1963 година до 1967 година неговиот тим направил 34 цртани филмови.
До 1970 година многу епизоди со Том и Џери се сметале за насилни. По ова започнале да се креираат епизоди во кои мачката и глувчето се пријатели. Но овие никогаш не го постигнале успехот на првите, оригинални епизоди.
Бил Хана починал во 2001 година, а Џо Барбера 5 години подоцна. Во моментов, правата за прикажување на цртаните филмови со Том и Џери ги поседува компанијата Ворнер Брос. Планира да објави нов цртан филм пред католичкиот Божиќ во текот на оваа година.
Кој може да ја заборави епизодата со поспаниот Том и чкорчињата на неговите очи и фактот што никогаш не успеавме да ја видиме целосно бабичката?
(О)Милена | Црнобело