Интересни факти за семејството Ирвин, луѓето кои спасија 90.000 животни во Австралија
Доколку не сте во тек, во австралиските пожари настрадаа над 1 милијарда животни.
Покрај пожарникарите, и локалните жители даваат сè од себе за да спасат што е можно повеќе животни. А во овој подвиг, дефинитивно најмногу се истакна семејството на Стив Ирвин.
Тери, Бинди и Роберт не дозволија да згасне наследството на нивниот татко и сопруг и дефинитивно заслужуваат да бидат наречени херои.
Во продолжение прочитајте неколку интереси факти за ова неверојатно семејство.
Семејната зоолошка
- Стив Ирвин добил 1,6 хектари земја од неговите родители. Заедно со сопругата Тери, направиле еден вид зоолошка и инвестирале во нејзино проширување.
- Сo текот на времето, земјиштето го доби името Australia Zoo, а во 2004-та се отвори и ветеринарна клиника во зоолошката. Секоја година, клиниката им помага на околу 6.000 животни.
- Во 2007-ма, површината на зоолошката достигна 400 хектари.
- Најпознатиот „жител“ на зоолошката е 175-годишната желка Гариета. Интересно е што самиот Чарлс Дарвин ја проучувал.
- На 4-ти септември 2006-та, Стив Ирвин умре од повреда нанесена од раја. Тери Ирвин остана сама со 8-годишната Бинди и 2-годишниот Роберт, но и со цела зоолошка.
Тери Ирвин
- Од нејзината 22-годишна возраст, Тери работела во центар за рехабилитација на животни наречен Cougar Country.
- Тери го запознала нејзиниот иден сопруг додека била на турнеја во Австралија и се грижела за диви животни.
- Тери е многу добра пријателка со актерот Расел Кроу.
- Тери двапати се има појавено во шоуто на Елен – во 2007 и 2008 година.
- Бидејќи Стив Ирвин загина за време на снимање на неговата емисија, неговата смрт беше фатена на камера. Наводно, сите снимки биле избришани, освен една копија што останала кај Тери. Таа, пак, изјави дека снимката никогаш нема да се појави во јавност.
Бинди Су Ирвин
- Уште од најрана возраст, родителите на Бинди ја развиле нејзината љубов кон животните. Интересно е што таа го добила името од двете омилени животни на татко ѝ – крокодилот Бинди и кучето Су.
- Покрај тоа што е активист за заштита на природата и што работи во зоолошката, Бинди има и друга кариера. Таа се има појавено во неколку телевизиски серии и програми, вклучувајќи ја и Dancing With the Stars.
- Бинди има и своја линија еколошка облека – Bindi Wear International. Брендот продава облека за деца помлади од 10 години, вклучувајќи чевли, чорапи, костими за капење, шапки и слично. Парите добиени од продажбата се за поддршка за програмата за конзервација на Австралија.
- Бинди го запознала нејзиното момче Чендлер во зоолошката во 2013-та. Тогаш Чендлер бил на патување со родителите, но денес живее во Австралија и помага во зоолошката.
- На 25-ти јули 2019-та, Чендлер ја запроси Бинди во зоолошката.
Роберт Ирвин
- Како сестра си, и Роберт не може да си го замисли животот без животни. Уште од најрана возраст тој се појавуваше во емисии за животни кои беа прикажувани на Discovery и Animal Planet.
- Во 2013-та, Роберт беше коавтор на книгата Dinosaur Hunter.
- Роберт многу сака да фотографира животни. Благодарение на неговите патувања, тој прави навистина уникатни фотографии. Често се пријавува на интернационални натпревари, а двапати има добиено награда за Wildlife Photographer of the Year.
Спасување 90.000 животни
- Семејството Ирвин интензивно работи на спасувањето животни во опожарените делови на Австралија. Тери и нејзините деца ги земаат ранетите животни од целиот континент и ги носат во нивната клиника. Сред оваа трагедија, тие успешно излекуваа стотици животни.
- Клунарот Оли е 90.000-тото животно спасено од семејството Ирвин. Откако ќе се опорави, ќе биде вратен во дивината.
Спирова С. | Црнобело