Цитати од Душко Радовиќ: Подобро да бидеш невоспитан, отколку лошо воспитан
Познатиот српски писател, поет и новинар Душко Радовиќ, голем дел од афоризмите ги посветил на децата.
Тие за него се извор на инспирација и личности на кои им се воодушевува на тоа како знаат да уживаат во секој момент од животот.
Ова се неговите најубави цитати посветени токму за нив:
1. Тепајте ги вашите деца штом забележите дека почнале да наликуваат на вас.
2. Не ги воспитувајте децата ако не умеете да го направите тоа. Подобро е да бидат невоспитани отколку лошо воспитани.
3. Само децата кои не слушаат, можат да станат подобри од нивните родители.
4. Едно предупредување за родителите: ако ги тепате вашите деца, имајте на ум дека тие ќе ги тепаат вашите внуци.
5. Среќата и слободата на децата се состојат во тоа што тие немаат никаква цел. Малото дете живее денес, па спие, па живее утре, па пак спие и не е свесно за никакви цели. Мислам дека целите се тие кои ги расипуваат луѓето, ни ги уништуваат животите и не ни дозволуваат да го живееме секој ден, туку сме во состојба шеснаесет години живот да упропастиме за да добиеме некаква мала предност. Старите луѓе пак, се на крајот од животот и веќе немаат што да постигнат, па оттука немаат ни цел. А кога немате цел, дури и малите работи стануваат многу важни.
6. Децата немаат поим за ништо! Кога пишувам за деца и јас посакувам да бидам толку чист и ослободен од сите стеги, па да можам да зборувам толку чесно и чисто за сè што ќе ми падне напамет... Не постои ништо поубаво од мислењето на малечките деца и начинот на кој тие го формулираат тоа: тие се секогаш безгрешни. Кога беше мал, мојот син ми рече: Толку сум гладен, како да сум жеден. Тоа јас никогаш не би можел да го смислам!
7. За мене вистински деца се оние кои сè уште не одат во училиште, оние кои туку што почнуваат да учат, мислат и зборуваат. Тие се единствените кои во целост ја имаат зачувано оригиналноста и во мислењето и во изразувањето.
8. Децата се навистина непогрешливи во нивните формулации. Тоа ми е некаков идеал! Кога само и јас би го можел тоа...
9. Колку е само човекот во состојба да ги занемари малите убави работи, заради некои цели кои сака да ги достигне. Во името на нешто големо што некогаш ќе го достигне, а можеби и нема! Кога е некој мал или сосема стар, тој стои пред светот, ослободен од сето она кое може да му ги скрати сите тие животни радости. И најмалите доживувања за некого може да бидат извор на голема радост, за некој кој живее во овој момент... и ништо не му пречи да живее во тој момент.
М. С. | Црнобело