„Тишината прави глупавите да изгледаат мудри, макар и за минута“
„Oд сите книги коишто ги објавив откако се обидов во чудната професија романописец, Марина ми е една од најомилените“, изјавил популарниот шпански автор Карлос Руиз Зафон.
Роден во Барселона во 1964-та година, добитник на многубројни награди и признанија, со името на Зафон се врзуваат две неверојатни трилоги.
За жал, на 19-ти јуни на 55-годишна возраст тој ја загуби битката со ракот.
„Трилогија на маглата“ е првата и ги опфаќа книгите „Принцот на маглата“, „Полноќна палата“ и „Септемвриски светлини“. Жанровски, овие три книги се етикетирани како младинско-возрасни романи.
„Марина“ е четвртиот и последен од овој тип на романи, за кој авторот изјавува дека при пишувањето оставил дел од него, кој засекогаш останал заробен низ страниците на оваа книга.
Првиот роман за возрасни „Сенка на ветрот“ е објавен во 2001 година и веднаш станал сензација, како еден од најчитаните романи во шпанската и европската книжевност.
Следуваат продолженијата насловени како „Играта на Ангелот“ и „Заточеник на небото“.
Сите три романи се врзуваат со интригантното место – Гробиштата на заборавените книги.
Ретко кој прочитал книга од Зафон и сопрел само на една.
Неговиот стил беше магичен, страниците како да се вртат самите. Со мајсторски разработени ликови, приказни и заплети чиј крај никогаш нема да го погодите, Зафон раскажуваше со неверојатна фантазија и емоции.
Ќе се воодушевите од неговиот стил, а книгите на Зафон засекогаш ќе ви останат под кожа.
Ова се само неколку од ризницата преубави цитати од неговите дела:
1. Претпоставувам дека немаш многу пријатели. Немам ниту јас. Не им верувам на луѓето кои велат дека имаат многу пријатели. Тоа е сигурен знак дека тие всушност не познаваат никого.
2. Забавата е како опиум, нè издигнува од бедата и болката, иако само на кратко.
3. Оделото сепак го прави човекот, тоа е тажната вистина на ова несреќно време.
4. Луѓето зборуваат премногу. Тие не потекнуваат од мајмуни, туку од папагали.
5. Знаеш ли што е најдоброто нешто во врска со скршените срца? Тие вистински се кршат само еднаш, остатокот сè само гребаници.
6. Времето не нè прави помудри, туку само поголеми страшливци.
7. Парите не се важни. Освен, ако немаш пари.
8. Тишината прави глупавите да изгледаат мудри, макар и за минута.
9. Сеќавањата се полоши од куршумите.
10. Поезијата е испишана со солзи, измислените приказни со крв, а историјата со невидливо мастило.
11. Еден добар дел од нашиот живот го трошиме на сонување, особено додека сме будни.
12. Во малите градови, вестите патуваат со брзината на досадата.
13. Случајностите се лузни на судбината.
14. Океанот на времето, порано или подоцна ни ги враќа сеќавањата што сме ги закопале во него.
15. Подготвени сме да поверуваме во што било, освен во вистината.
16. Чувајте ги своите соништа, никогаш не знаете кога ќе ви затребаат.
17. Тајната вреди онолку колку што вредат оние од кои треба да биде сочувана.
(О)Милена | Црнобело