Му била прва братучетка, не можела да му прости што зел втора жена – Факти за првата сопруга на Садам Хусеин
За првата сопруга на Садам Хусеин некои велат дека била подеднакво сурова како него. Уживала во луксузниот живот и во богатството што го стекнала како прва дама, а никогаш не можела да му прости што тој одлучил да донесе во домот уште една жена – Што знаеме за Саџида Каралах и каде е денес таа?
Садам Хусеин беше владетел на Ирак во периодот од 1979-та година до 2003-та, кога насилно беше симнат од власт. Годинава навршуваат 20 години од падот на неговиот режим, а речиси никој не знае што се случува со неговата прва сопруга, која побегна пред нападот на Багдад.
Поранешниот владетел на Ирак бил роден и пораснал во сиромашното селце Тикрит во северен Ирак. Неговиот татко починал уште пред Садам да биде роден, а откако и мајка му починала од рак, тој заминал да живее со чичко му во Багдад, кој бил дел од партијата Баат.
Во 1959-та година, Садам учествувал во неуспешен обид за атентат на ирачкиот премиер, по што бил повреден и побегнал преку Сирија во Египет. Во Каиро завршил правен факултет, а по победата на партијата Баат во 1963-та година се вратил во Ирак.
Таа година членовите на неговата партија биле турнати од власт, по што Садам поминал неколку години во затвор. По бегството од затвор, тој застанал на чело на партијата и успешно го организирал државниот удар од 1968-ма година.
Во периодот до 1979-та година соработувал со претседателот на Ирак, Ахмад Хасан ал Бакр, а по неговата оставка, застанал на чело на државата. Но, освен претседател, Садам бил и врховен командант и премиер, а бил задолжен и за неколку други позиции во државата.
На власт се задржал сè до 2003-та година кога насилно бил симнат од страна на американските и британските сили и бил затворен.
Во 2006-та година, Садам Хусеин беше осуден за криминални дејствија против човештвото – убиства, нелегално заробеништво, депортации и измачувања и беше осуден на смрт со бесење.
Како тотален владетел и диктатор Садам водел мошне раскошен живот, а за неговата прва сопруга велат дека уживала во богатството и луксузот.
Во продолжение, неколку интересни факти за поранешната прва дама на Ирак:
Садам Хусеин уште во 1958-ма година се оженил за својата прва братучетка Саџида Каиралах Талфах. Нивниот брак бил договорен уште кога биле деца и се верува дека таа била 2 години постара од него.
Се верува дека Саџида била ќерка на вујкото кој се грижел за Садам додека бил дете и дека главната идеја била тие двајца да стапат во брак, за семејното богатство да не се растура во други семејства.
Но, Садам во една пригода откри дека ја запознал дури кога имал 21 година.
Пред да се омажи за Садам, Саџида била учителка, а потоа совршено се вклопила во улогата на прва дама. Тие што имале можност да ја запознаат велат дека таа била облечена секогаш според најновата европска мода, а со оглед на тоа што била бледа ставала толку многу пудра, што изгледала како лицето да го посипала со брашно.
Други, пак, тврдат дека продавачите стравувале кога Саџида ќе се појавела кај нив, затоа што знаела да ги наполни торбите и да си замине без ништо да плати, сметајќи дека таа е главна.
Секоја година за роденденот на нејзиниот сопруг организирала забава, на која задолжително сите уметници од Ирак требало да изработат портрети од нејзиниот сопруг и истите биле изложувани.