Неговото прво и последно ѕвездено небо, прегратките со дечиња – Моменти од последниот концерт на Тоше Проески, пред 15 години (фото+видео)
Уникатно ја најави на сцената својата прва гостинка, колешката Антонија Шола и заедно ја отпеаја песната „Волим осмех твој“
„Се разбира не сум сам, ниту на сцената, имам тројца прекрасни колеги. Првиот мој многу драг гостин односно гостинка, машкиот дел посебно ќе биде фасциниран – Антонија Шола“.
По неа, го најави и вториот гостин, колегата Бојан Маровиќ, со кого заедно ја отпеаја песната на Тоше, „Тајно моја“
„Сега е на ред женскиот дел да се фасцинира. Вечерва имам уште еден гостин кој ни доаѓа од Црна Гора – Бојан Маровиќ“.
Во отсуство на Тони Цетински, го испеа заедничкиот дует „Лагала нас мала“ заедно со Роки, членот од неговиот бенд.
За прв и последен пат побара публиката да направи ѕвездено небо, кое стана препознатливо за него:
„Дајте ми телефоните да ги видам, уклучете ги мобилните, дајте да направиме ѕвездено небо. Не можам да ви опишам како изгледа одовде. Не можам да ви опишам како изгледа. Сликајте ве молам одовде и сакам слика, чекајте и мене“.
фотографијата на Тоше со ѕвезденото небо
Се прекина во говорење за да им одговори на фановите кои врескаа од публиката и им кажа: „Ве сакам и јас и јас ве сакам. Сонце мое.“
Неговата трета гостинка беше Марија Шестиќ и ја најави со посебно восхитување кон неа:
„Според мене, ве молам немојте да ми замерите, Евровизија почна и одма требаше да заврши заради тоа што излезе и испеа со нејзиниот ангелски глас Марија Шестиќ“.
Потоа го најави и својот колега Адријан Гаџа, обидувајќи се да танцува како него со што ја насмеа публиката
„На ред е мој драг колега, кој изгледа феноменално, изгледа одлично, а тек како игра... не можам јас како него“ – рече обидувајќи се да го изимитира Адријан Гаџа.
Пред да ја отпее „Несаница“, кажа дека зад оваа песна има приказна која ќе ја сподели во некој друг момент, но за жал, остана нераскажана.
Претставникот на Фондацијата „Мајка Тереза“ му врачи осветена статуетка со емотивен говор посветен за Тоше:
„Тој е нашата светост и виделина, да живееш Тоше, бидејќи Македонија во тебе ги има светоста, убавината, добрината. Горди сме за век и за сите времиња. Нека оваа светица ти го осветува патот!“
На крајот Тоше им ја посвети наградата на неговите родители, бидејќи никогаш не забораваше од каде доаѓа, а семејството секогаш му беше на прво место:
„Татко ми и мајка ми ми ја всадија карактеристиката хуманост, нив им припаѓа наградава“.
Видео од целиот концерт кој нема да ве остави рамнодушни:
М. М. | Црнобело