За комшијата со скапиот џип кој одби да даде ситни пари за варосување на влезот...
„Здраво комшија, како си?“ „Добро еве, одам да го исперам џипот. Викендов бевме до Грчка па некако многу прашина му се насобра. Со PCR тестови, да да. За сите четворица, а бе скапо фати, ама меракот е голем… а следниов викенд одиме во…“
И така мојот комшија, иако никој не го прашал ама баш ништо, непрестајно меле додека се возиме низ катовите до приземје. И јас слушам и љубезно кимам со главата.
Тој секогаш има да се пофали каде бил, каде ќе патува следно, колку е скап џипот, колку пари фрлил на еден конопој со „флаша жестоко“. А мене секогаш на врвот на јазикот ми е да го прашам – зошто го остава ѓубрето пред вратата кое ја умирисува целата зграда и се собираат лебарки, додека тој одмара во Грчка покрај море?
Кој очекува да му го фрли ѓубрето? Јас? Мојот комшија е еден од многуте типови кои мислат дека само затоа што има пари, ние треба да му се поклонуваме и да ја бакнуваме земјата по којашто оди.
Воедно, мисли дека ги фасцинира сите со неговите муабети за тоа каде бил и колку потрошил. Освен за ѓубрето, треба отворено да му се каже дека баш ни е гајле за овие празни муабети. Мене лично не ми значат ништо. За мене секогаш ќе биде „смрдлето“ со ѓубрето и лебарките, па не знам каков џип да вози.
Истиот тој намирисан господин одби да даде пари кога се собиравме сите во зградата за да ги искречиме ѕидовите во влезот кои не се „пипнати“ добри 20 години. Неговиот изговор беше дека немало потреба од вакви трошоци. Не ни очекував некој подобар муабет од него.
Ова не е единствениот ваков човек што го познавам. Сигурно и вие имате барем еден во животот. Тоа е колегата што зема најголема плата, а одбива да даде 100 денари кога се собираат пари за некаков убав повод на работа. Тоа е роднината што ги стиска парите, секаде се жали и кука како „нема“, а потоа купува два стана. Со среќа нека ти се, ама некој да се жалиш. Тоа е трагедијата.
Ваквите типови или премногу се жалат или премногу се фалат. Јасно е дека имаат доволно пари за сè, ама ете – не останува за варосување ѕидови, за подарок за колегата што после 40 години оди во пензија, или за позајмување 50 евра на некој што е во неволја.
Сиромашниот ќе ги даде и последните пари во џебот, богатиот ќе се туфка. На крајот, некои со задоволство ќе кажат – „е па затоа и има“.
А што поточно има? Мозок секако нема. Култура нема. Човечност нема. Усул нема. Што има?
Мојот комшија и понатаму секое утро „суптилно“ си го врти часовникот на раката или гледа кон чевлите, за да ги забележам и јас и да речам – „Леле комши, колку ти се добри кондуриве. Сигурно се многу скапи, нели?“
Но, јас го разочарувам, упорно молчам и се смешкам. На излегување, конечно го замолувам да не го оставаат ѓубрето пред вратата, скапува и се собираат бубачки. Еден ден ќе му влезат дома (ако веќе не врие од нив).
Тој е запрепастен и конечно по малку засрамен. Уште повеќе се запрепастува кога гледа како еден постар сосед во влезот, пензионер кој одвај го крпи месецот, поминува со четката натопена во бел поликолор низ ѕидовите. Човекот доброволно се пријави да го искречи влезот.
„Сепак собравте пари за кречење?“ конечно прозборува мојот наконтен комшија. „Конечно да“, велам. И без да си кажеме што било друго, секој си ја фаќа својата страна, комшијата со скапиот џип, јас со мојот велосипед. Секој со своето.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело