Фраер vs. лесна жена, шофериште vs. неспособна зад воланот - двојните стандарди за мажите и жените
Светот чекори во 21-от век, брз технолошки напредок, чуда се случуваат на полето на медицината и секако летнавме во вселената и човекот стапна на Месечинита, НО, едно големо но, сѐ уште страдаме од двојните стандарди, дискриминирачки принципи и застарени и неосновани верувања кои уште повеќе ја заоструваат и онака дебелата црта меѓу машкиот и женскиот пол, или , како многумина сѐ уште велат, посилниот и понежниот пол.
И додека жените смело и гордо чекорат на патот кон успехот, рамо до рамо со мажите во секое поле од современото живеење и технологија, бизнис и политика, сѐ уште, на жалост, постојат луѓе кои веруваат дека местото на жената е во кујната, над шпоретот.
И додека во светот жени се светски и моќни лидери кои оставаат свој белег на интернационалната политичка сцена, сѐ уште, на жалост постојат луѓе кои веруваат дека жената може да “лидерува“ само со сопствените деца. И без оглед колку сме напредни, нечии сфаќања се стотици, илјадници години наназад.
Во однос на мажите, изборот на професија, во начинот на облекување, принципите на однесување, нивната слика во јавноста, жените страдале, страдаат и во иднина ќе бидат измачувани и дискриминирани врз основа на двојните страндарди.
И додека двојните стандарди се длабоко вкоренети во секојдневниот живот, за различни ситуации и секој, без разлика на полот, годините или расата може да биде нивен субјект, жените, како по непишано правило, најчесто се нивни жртви.
Машки професии: Жената не е доволно силна и паметна
Според некое старо правило светот е поделен на машки и женски: начин на однесување, месечни заработки, членови во клубови, привилегии во образованието, и секако изборот на кариера и професија. Многу професии се етикетирани како машки, па жената, иако способна, исто толку доволно силна и паметна не може да биде пожарникар, судија, дрводелец, камионџија, земјоделец или пак да гради кариера во политика или армија.
За среќа, овие стандарди полека се бришат од нашиот модерен живот, па не ретко може да се сретне жена како вози градски автобус, се бори со пламени јазици и да е успешен наредник во војска.
И секако, жена која се одлучила за “машка“ професија често е нарекувана машкуданка! И ако можат е добар во кујната тогаш тој е мајстор, готвач и шеф на кујна, а жената, а па таа е родена за готвење.
Емоции: Само жените плачат, бидејќи се понежни
Жените, уште од дамнешни времиња се опишувани како нежни, кревки, потребно им е некој кој ќе се грижи за нив и ќе им ја даде потребната сигурност и безбедност. Жените се тие кои тешко ги контролираат своите емоции, се кршат под притисок и плачат за сѐ и сешто, дури и без потреба. Од жените се очекува да плачат, да се плашат, да бидат несигурни, исто колку што се очекува од мажите да бидат силни, горди и бестрашни.
Па, така жена што плаче и не толку страшно, бидејќи е сосема “нормално“ и очекувано, додека ако се види маж што плаче тој или е слабак или херој кој знае да покаже вистинска емоција. Искажувањето на емоции не те прави ниту херој, ниту слабак, едноставно човек.
Домаќинка или кариериста = Незаинтересирана спонзоруша и себична мајка и сопруга
Очигледно дека секое однесување или личен избор на жената може да биде причина за двоен стандард. Ако таа избере да биде домаќинка која ќе се грижи за домот и семејството, тогаш таа е спонзоруша која живее на грбот на сопругот, без амбиција за кариера и мрзелива која само знае да готви и чисти.
Но, ако пак е амбициозна жена која успешно ја гради својата кариера тогаш таа е себична, не мисли да оформи своја фамилија, мисли само на пари наместо да си роди деца и наместо да си го исчисти домот таа плаќа жена за тоа. Не може ниту една жена да си го следи својот живот по свои правила без да биде осудувана за секој нејзин чекор.
Број на партнери = Лесна жена, Промискуитет, Распуштеница
Најстариот, најраспостранетиот, најпонижувачкиот двоен стандард, без разлика на кој крај од светот, која култура или нација, ако жената има поголем број на партнери за свое лично задоволство, тогаш таа е лесна жена, жена без морал, онаа распуштеницата, а додека маж кој носи различни жени во својот кревет секој вечер е фраер, мажиште, магнет за жени.
Врските без обврски, авантури и афери за една ноќ, кратки задовлства се луксуз и привилегија само за мажите, додека за жените ќе им донесат само осудување и непристојни епитети и надимаци.
Овој двоен стандард е толку безмилосен и суров, но нажалост тешко да се искорени од секојдневието.
Средна жена – Троши само на облека и салони, Несредена – Се запуштила
И најобичните, најличните избори на една жена често се предмет на двојни стандарди, почнувајќи начинот на облекување и стил, нега и грижа за себеси и посета на салони за убавина. Сите овие се толку лични што никој не смее ни да помисли да осудува, но во општество, со силни двојни стандарди жената која чести посетува салони за убавина и ги купува последните модни парчиња е површна жена која се грижи само за надворешниот изглед.
Во, спротивно, ако некоја жена се сака во целост, баш каква што е и не се оптоварува со мода и стил, тогаш таа е несредена, запуштена и треба добар фризер и маникир. Ако жената облече краток фустан со длабоко деколте тогаш таа премногу покажува, а ако пак е поконзервативно облечена со здолниште под колена, тогаш нема стил.
Доење во јавност = Срамота, Разголени и провокативни фотографии = Дозволено
Уште еден двоен стандард кој беше предмет на многу дебати ширум светот. Доењето во јавност, кој е толку природен и мајчин акт е неприфатено, осудувано како срамно и непристојно, но милиони разголени фотографии, пропаганди и реклами за женското деколте и градници се сосема прифатливи...чудно нели?
Непристојно и невусно им е една жена да си до нахрани своето чедо, но пристојни се градите на згодна и млада девојка на огромен билборд од кои не го тргаат погледот...двоен стандард со прилично понижувачка конотација. Секоја чест на хипокритите, и доењето и провокативните фотографии се голи женски гради само во различно пакување.
Проблем со автомобилот: Нормално, жена вози!
Не знам како и зошто жените се оценети како лоши возачи и нивното место никако не е зад воланот. Само замислете ситуација, дупната гума, ако е маж, тогаш абе проблеми на патот, лош асфалт, многу камења, но, ако жена, абе жена вози што да се очекува. Гумите како да го знаат полот на возачот!
Без разлика на умешноста на жената на возачкото седиште, таа секогаш ќе биде оценета како лош возач, бидејќи , управувањето со автомобил е уште една привилегија на машкиот пол.
Од начинот на облекувања, бројот на сексуални и љубовни партнери, изборот на кариера или едноставното искажување на емоции, жената секогаш ќе биде цел на осудување, и секој нејзин акт може да биде оценет, позитивно или негативно, согласно со дискриминирачките верувања на двојните стандарди кои на жалост сѐ уште постојат.
Секако, постои напредок во нивно искоренување, но тој процес е долг и бавен, па жените ќе мора да научат како се борат со нив, или едноставно да ги игнорираат.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com