Добрата жена треба да е 10 во 1, добриот маж само да не биде прељубник и зависник од пороци
Добрите жени треба да се воспитани. Треба да потекнуваат од добри семејства. Треба да имаат добро образование, но не и некоја завидна кариера. Бидејќи треба воедно да му се посветат на домот и семејството. И треба добро да балансираат помеѓу двете.
фото: pixabay.com
Добрите жени треба да имаат став, но најпожелно е да си го чуваат за себе.
Добрите жени треба да се фини и пријатни за разговор, но не и премногу гласни. Никако агресивни и хистерични.
Тие треба да се силни, но истовремено и нежни, деликатни цветови на кои постојано им е потребна помошта од мажите.
Добрите жени треба да се убави и негувани, ама и да знаат да средуваат и чистат. Треба да се домаќинки во кујната и одлични во креветот.
Треба да знаат кога да му дадат простор и оддишка на сопругот, а кога да му се приближат за да му ја понудат својата помош и поддршка.
Треба да сакаат и да умеат со деца. Пожелно е да сакаат животни.
Добрите жени треба да се дотерани од глава до пети, но да се грижат и за изгледот на домот.
Покрај родендените на сите можни членови од своето семејство, тие треба да ги знаат и сите родендени на роднините од семејството на мажот. Да не зборуваме кој ги купува подароците – жената е задолжена за тоа.
Добрите жени треба да се секси, но до одредена граница која не го преминува добриот вкус, а таа граница речиси секогаш ја поставува мажот.
Добрите жени треба да се интелигентни, рековме - воспитани, симпатични, духовити, да знаат да се пошегуваат и на сопствена сметка без лутење.
Добрата жена треба да биде најмалку 10 жени во едно. Најчесто неспојливи антоними – таа треба да е мирна, но и експлозивна, срамежлива, но и храбра, доволна гласна, но и тивка.
Во принцип треба да се адаптира на потребите на сопругот. И на ваквата жена повторно ќе ѝ се најде некаква маана. И покрај сè што ќе прави за семејството, за децата, за сопругот, за домот, за СИТЕ, таа нема да биде никогаш доволно добра.
А мажот? Според многумина мажот не треба да биде следните 4 работи: тој не треба да биде коцкар, алкохоличар, физички насилен, прељубник. Ете, готово, сите критериуми за добриот маж се исполнети. Сè друго е занемарливо. Секако ова не важи за сите и постојат исклучоци кои гледаат многу подлабоко на мажот.
Но, на овие простори, доколку тој не ја прокоцка куќата, не ве малтретира физички, не пие претарано и не ве изневерува со друга жена, вие сте среќни што го имате покрај себе. И не ми барајте преку леб погача.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не се ставови на целата редакција на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело