„Безгрижно трчкај низ облаците заедно со другите опавчиња“ - Писмо до мојот најдобар пријател
Еј другар, знаеш... Многупати размислував да го направам ова, но едноставно немав доволно храброст.
Веројатно, бидејќи не знаев како се пишува писмо. Писмо без адреса. Прва грешка, прости ми.
Писмо со адреса до твоите очи...
Кога малку подобро прочепкав низ Интернет, дознав и повеќе отколку што ми требаше. Дознав дека најстарото писмо е пиктографското, што во моментов е сосема неважно. Додека читав, една реченица буквално ми ги „распара“ ушите.
Цитирам: „Говорот е најважна карактеристика по која човекот се разликува од другите живи суштества“.
Признавам, за момент се растревожив, па на глас изустив: „Каква небулоза!“.
Не знам ни зошто дозволив една обична реченица да „пробуричка“ во мене, кога самиот знаев дека тоа не е точно. Ти зборуваш подобро од кој било обичен Homo sapiens.
Се вратив на мојата примарна цел и сфатив дека залудно си го губам времето, скролајќи низ разни страници.
Се обидувам секогаш кога правам нешто, да имам на ум што всушност сакам да постигнам. Затоа решив дека ова писмо ќе биде против сите норми и правила.
Ова писмо ќе го пишува срцето...
Другар, како да започнам... Ја пијам последната голтка од горкото кафе и го доближувам пенкалото, кога одеднаш две полни месечини изникнуваат од моето биро.
И знаев. Како за миг целиот универзум да се спои и во мојата глава го наслика писмото за чија содржина толку долго размислував.
Оставив сѐ, го земав твоето омилено ременче, набрзина го облеков капутот и како молња излетав преку вратата. Решив дека ова ќе биде прошетка, подолга од вообичаените.
Извини другар, овојпат јас ќе зборувам, а знам и дека ти недостига тоа...
Извини што понекогаш сум потивок, а единствено ти се радуваш на моите зборови. Само ти сосема ги разбираш. Ветувам, отсега ќе ти зборувам почесто.
Извини за сите прошетки без тебе, знам колку споро минуваат минутите кога чекаш покрај прозорецот. Не требаше да заминам без тебе, но знаеш, некогаш морав.
Прости ми за секој повишен тон, особено додека беше мал и екстремно хиперактивен. Се сеќаваш кога ми ги уништи долгоочекуваните патики кои пристигнаа од Германија?
Кога ќе размислам подобро, па и не беа нешто посебно. Двајца од моите колеги имаа идентични. Всушност ти сакаше да сум единствен. Како што си и ти за мене.
Извини што секоја сабота ја поминуваше во работната соба, бидејќи наводно „ја плашеше“ тетка Биби. Знам дека ти беа интересни игрите со малиот Марко, но сепак, ти ветувам дека следниот пат ние неа ќе ја заклучиме. Интересно е да се променат улогите, зарем не?!
Знам дека многупати ми ја носеше твојата играчка, со цел да ме расположиш, а јас непрекинато „ѕверев“ во мојот лаптоп, за да го завршам проектот на време.
Извини другар, не беше намерно...
Прости ми што поради секојдневната „трка со животот“, понекогаш твојот оброк не е совршен, а водата не е толку свежа и питка...
А ти секое утро делиш парче од твоето срце, само за мене. Проклет нека сум.
Извини за сите посети на „чичкото ветеринар“, кои знам дека не ти се омилени. И за сите слатки задоволства на кои посматрајќи си се засладувал, без воопшто да ги вкусиш. Верувај, сепак е за твое добро.
Знам дека си помина одлично кај Симон, оној март кога неколку дена работно бев во Данска. Сепак, длабоко во себе знам дека чувствуваше непријатна неизвесност, дали ќе се вратам по тебе.
Те молам прости ми. За секоја најмала предизвикана болка, никогаш не би те повредил намерно.
Ме гледаш и знам дека ме разбираш. Знам дека ми простуваш.
Како ли јас те заслужувам?!
„Ти си најдоброто што ми се случило, знаеш?! Не сум совршен, никогаш нема ни да бидам, а сепак за тебе јас сум твојот супер-херој.
Никогаш заситен од твојата добрина. Ќе ти откријам една тајна. Твоето размрдано опавче знае да ми го разубави денот. Прошетките со тебе, за мене се хидрација.
Само покрај тебе сум навистина свој. Без никакви маски, без никаква глума. Едноставно, ти ме познаваш најдобро. Што и да направам, нема да е доволно да ја искаже благодарноста којашто ја чувствувам.
Што и да променам, никогаш нема да се чувствувам достоен да имам ваков сопатник како тебе. Ме научи една многу важна работа, а тоа е да живеам во моментот.
Ти давам чесен збор, ќе се потрудам да ги оттргнам сите оние мисли кои ме прават несигурен. За себе и за тебе.
Оваа прошетка беше поинаква од нашите секојдневни и конечно, писмото ја пронајде својата адреса. Ќе ти испраќам што повеќе, ти ветувам.
- Твојот најдобар пријател
Ова е за тебе, другар. Безгрижно трчкај низ облаците заедно со другите опавчиња и кажи им дека засекогаш ќе живеат во вечноста, како и ти. Никогаш нема да те заборавам. Н ♥
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Мила М. | Црнобело