Сиромашна ти е душата завидлив соседу, ужасно сиромашна!

Дали и вие имате некој енергетски вампир од вашето маало кој само своите трагедии не си ги гледа?

siromashna-ti-e-dushata-zavidliv-sosedu-uzasno-siromashna-01.jpeg

Сфатив дека луѓето со најтрагични животи најмногу си го пикаат носот во животите на останатите.

Тој беше човек во поодминати години и животот не го милуваше воопшто, детето му тргна по погрешен пат, заврши на хероин и мене, искрено, срцето ме боли затоа што навистина таква судба не му посакувам ниту на најлош непријател.

Но, тој си имаше свои битки и си ги водеше како знаеше и умееше, а јас во ниту еден миг не се осудив да прокоментирам дали тоа го прави на вистинскиот начин, ниту да давам оцени како се покажал во најважната животна улога - родител. Неговиот живот си е негово право, а јас само ќе се радувам во миговите кога зрак светлина паѓа врз неговото изнемоштено лице.

И овој човек, кој толку планини на својот грб носи, е најзавидливиот сосед што постои. Таа карактерна особина толку го груби, толку го прави смешен, што е неверојатно. Чинам енергетски вампир е.

Да види дека некому не му оди, нему убаво му е. Како да си го полни духот од туѓите несреќи и да си вели дека и на другите луѓе им тонат бродовите, па се теши за својата црна судбина.

Години и години работам и тој ниту еднаш не најде време да ме запраша како ми е на работа, но кога пред некое време слушна дека дури два месеци сум била дома страшно се заинтересира за мојата кариера, па мислам во нотес го запиша дури и презимето на мојот некогашен претпоставен.

„Многу ми е мака што си без работа“, го гледам како ми вели со подмолна насмевка, а очите чиниш му блескаат од исполнетост. Сигурно мисли оваа што цел живот се перчи со академски и професионални успеси види на кое дереџе дојде, ја боли темава, ќе ја испрашувам сега за ова секој пат кога ќе ја видам.

Но, мене не ме боли, туку забавно ми е. Отсекогаш верував дека несудена професија ми е психолог. Толку многу сакам да навлегувам во умот на луѓето, да ги слушам нивните приказни, да си наоѓам причини за нивните емоции и шаблони на однесување кои ги практикуваат.

Некако ме инспирираат оптимисти и ме загрижуваат песимистите и ми се вистински случаи за испитување ваквите како него. Тие ми се вечна интрига и мистерија.

Човекот, кој има потрагична животна приказна од сите што ги познавам, наместо да мисли како да ѝ даде пресвртница во добра насока на истата, се концентрира на тоа што јас дури два месеци во целата моја кариера сум без работа. И не само за мене, него го мачи и соседот кој сите пари ги трошел на патувања, наместо да си го уреди дворот, го мачела и сосетката која наместо внуци да чува, чувала мачки, па го мачи кој не бил женет, која не се породила по природен пат и не го доела детето, кој не го регистрирал автомобилот навреме и што уште не.

И на јазик ми лежи да го прашам зошто троши време на туѓите проблеми, ако би можела да ги наречам така во споредба со неговиот проблем, наместо да ја користи енергијата за нешто попродуктивно? На пример, да се концентрира неговото дете дома да не го земе наредниот „фикс“.

Несреќата на соседот не ти носи тебе среќа, тоа е познато од древни времиња, само овој човек никако да го научи тоа. Него години наназад го болат туѓи прослави, венчавки, професионални успеси, академски достигнувања, мекици, проодувања, крштевки, убави животни приказни, нему му е потребна тага и темнина и тогаш со стапче да буричка по туѓите рани за барем малку да ја нахрани својата тажна и сиромашна душа.

Но, не се полни срцето вака, ниту духот се збогатува. Ако сметаш дека цицаш енергија од туѓите несреќи, верувај не е вистина. Очите ти се потажни секој ден, а едновремено и кругот на луѓе кои те сакаат ти е сѐ помал.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Мудри совети од една баба: Не оди каде што не си поканет, не влегувај во туѓи спални Не зборувај за она за што не си запознаен, не го отворај фрижидерот по туѓи куќи...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg