Самоуверените, насмеаните, грижливите, воспитаните... Тие жени се убави
Притисокот да се изгледа убаво и привлечно денес е огромен. Списанијата и видео спотовите ни сервираат перфектни жени со совршено тело, без навидум ниту една маана.
Делумно нè мотивираат да ја постигнеме најдобрата физичка верзија од себеси, делумно нè унесреќуваат мислејќи дека никогаш нема да изгледаме како девојката од насловната страница на списанието.
Па, како да се справиме со притисокот? Која е тајната на добриот изглед и постигнување на статусот среќна жена? Како изгледа идеалното тело?
Ние жените во принцип сме комплексно скроени суштества, со многу контрадикции.
Си ги кубеме косите поради лошата перцепција за убавина, чие тело е привлечно, а чие грдо. Неретко истураме грст навреди, па така завршуваме со етикети како костур vs. прасе, или онаа со нозе грисини vs. нозе како диреци.
Се расправаме дали топ моделот која е „рамна даска“ е поубава од онаа со облини, денес популарно етикетирана како „плус сајз модел“, која според многумина не е ништо повеќе од една „Гица“...
До кога ќе траат нашите расправии за тоа која е поубава, која е попривлечна за око и како изгледа вистинската убавина?
До кога ќе се измачуваме со безумно и бесчувствително коментирање на сопствените и туѓите стрии, целулитот, малечките гради, кривите ноџиња, клемпавите уши, акните на лицето?
Му дозволуваме на општеството наоружано со некаков смешен утврден систем за убавина, извајан со помош на Фотошоп да ни ги диктира правилата за убавина и да ни го крои мислењето како треба да изгледа една жена.
Вистината е дека секоја жена е убава на свој начин. Секое тело кое е здраво - е убаво.
Секоја жена која е пријатна и воспитана - е убава.
Секоја насмеана и грижлива жена - е убава.
Секоја самоуверена жена - е убава.
Ако сакате да бидете слаби – бидете слаби, но здрави.
Ако си се сакате со некој килограм плус, носете го самоуверено. Престанете да се жалите дека сте дебели и грди.
Ако самите имате потреба малку да се разголите, облечете си покусо фустанче, не преминувајќи ја границата на добриот вкус. Но, сторете го тоа за себе, не за туѓи погледи.
Ако се чувствувате пријатно во облека закопчана до грло, никој нека не ве спречува да се облекувате така.
Сè е во ред, додека се носите достоинствено со своето тело и ги сакате и почитувате другите жени. Вие сте ЖЕНА, вашата мајка, баба, сестра, братучетка и тетка, сите се ЖЕНИ.
Да престанеме сурово да се етикетираме и да ги премеруваме сите околу нас, вклучувајќи нè и самите себе на вагата за идеална убавина, која патем е само еден обичен, евтин маркетиншки трик...
Бараме поддршка, восхит и почитување за сопствениот род? Време е да си дадеме инјекција од овој треман самите на себе и на сите жени околу нас.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело