За што е мажот, без жената до него...

Со заминувањето на баба ми и дедо ми од овој свет, чинам замина сета безусловна љубов.

za-sto-e-mazot-bez-zenata-do-nego-4.jpg

Голем процент од заслугата за степеност на разгаленост и мазење кај секој од нас, им припаѓа токму на бабите и дедовците.

Какви беа баба ми и дедо ми? Кротки, насмеани, вредни и трудољубиви, чесни луѓе полни надеж, од некое далечно минато, заборавено време кое можеме да го помирисаме само преку црно-белите фотографии во старинските албуми, со лепење слики и заштитна проѕирна фолија врз нив.

Беа особено горди кога јас дипломирав. Попусто се обидував да објаснам дека не е некоја голема работа, секој денеска може да има диплома ако сака. Баба ми не сакаше ни да слушне. Секако дека прославивме со помпа. Во секој важен момент од мојот живот, баба и дедо беа покрај мене, како верни сенки кои ме следат и ми посакуваат само убавини.

Од првата приредба во забавиште, за која поминаа 170km само за да видат како ми паѓа едното чевличе на средина на музичката точка, до последната голема прослава, мојата венчавка. Таму за среќа, не ми падна ниту едно чевличе.

Не постои добар момент за загуба на саканите. Да, свесни сте дека тие се веќе стари, болни, изнемоштени. Ве убедуваат дека тоа е животот, ве тешат дека таков е редот... Но, кога доаѓа моментот, вие се чувствувате изгубени, пресечени на половина. Липате како мало изгубено дете, како тогаш кога се изгубив во хаосот на пазарот, а баба ми изникна од никаде и силно ме зграпчи пред тоа да го стори некој друг.

Баба ми си замина прва. Дедо ми се разболе од тага. Да, од љубовна тага по неа. И за 4 месеци ѝ се придружи во вечноста.

Паметам дека ми рече: „За каде сум јас сега, за што е мажот без жената до него... Подобро јас да отидев прв. Баба ти беше посилна, ќе поживееше подолго без мене. Јас сум сега за никаде“.

Не најдов зборови да го утешам.

Ќе звучи морбидно, но ми олесна малку кога издивна дедо ми. Сакам да мислам дека повторно се пронашле заедно. Сакав целата негова тага и болка да исчезне, да ја снема, да се збрише како со гума. Последното нешто што го проговори беше името на баба ми.

Што научив од нив? Да си трпелив, истраен. Да не си алчен, да не се лакомиш, ниту пред гости, ниту за пари. Но, најмногу од сè, научив како е да се сака. Како изгледа една 60-годишна љубов. Како се гушкаа, со кое внимание баба ми му го местеше апаратчето за слушање, до каде одеше тој за да ѝ купи од омилената боза, како ја покриваше за време на попладневната дремка. Едноставни нешта, а толку вредни, што не се купуваат со пари.

Ми недостигаат секој ден...

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кога стана толку безобразно скапо да се излезе на „пијачка“ во Скопје? Јас сум од времето кога џин-тоник беше 60 денари, шише пиво се продаваше за 50, ...
„Кога ме игнорираш, не ме казнуваш - само ме учиш полесно да живеам без тебе“ „Тоа што ме игнорираш, не значи дека е крај на мојот свет - тоа е почеток на нов...
„Држи мe цврсто за рака“: Приказна за љубовта меѓу ќерката и таткото „Ако јас те држам за раката и нешто ми се случи, големи се шансите да ти ја пушт...
Како изгледаа свадбените фотки пред дигиталните апарати (и професионалните фотографи)? Однапред испланирани фотосесии до најситниот детаљ, внимателно избрани локација ...
Мики Секуловски за CRNOBELO лексикон: „Брат ми правеше бељи, јас го извлекував подебелиот крај“ „Се плашам од користољубиви луѓе, а најголем идол ми е татко ми“ - Мики Секуловс...
И во Македонија има мажи домаќини, такви кои домот го претвораат во храм И во Македонија има мажи за медал. Онакви посветени на домот и семејството. Орга...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg