Билјана Марк на 3 години го преживеала скопскиот земјотрес: „Ме поклопил плакар, со месеци живеевме во Идризово со затворениците“
„Во време на земјотресот, татко ми беше управител на затворот Идризово. Па нè сместија во некоја ќелија, пристојно уредена, за да можеме таму да живееме некое време. Како низ сон ми е, но имав постојан контакт со затворениците кога излегуваа во дворот, тие ми правеа дури и кукли од дрво“, се присетува мајката на водителот Марко Марк на катастрофалниот земјотрес во 1963-та.
Денес, 26 јули 2024, се одбележува 61 година од земјотресот кој го разруши Скопје и однесе многу животи.
Оваа трагедија и денес ја помнат многу генерации, а оние кои го преживеаја, раскажуваат за своите сеќавања.
Билјана со внуките Аја и Кира
Меѓу нив е и Билјана Марк, која тогаш имала само три години.
Билјана, која е мајка на нашиот водител Марко Марк, во тоа време со своите родители и двете сестри живеела во Топаана.
Со ќерката Грациела и синот Марко
Татко ѝ бил управител на затворот Идризово, па неколку месеци семејството живеело во ќелија, со затворениците, и чекале да се изгради нивниот дом.
Куќата во која пораснала веќе не постои - на тоа место сега има кафуле и перална за автомобили, но таа неодамна таму испила кафе и се сетила на убавите и не толку убавите детски спомени.
Со сопругот Коља
За земјотресот, за разрушената куќа, сеќавањата кои ѝ се како низ магла, но и приказните кои ѝ ги раскажувале нејзините за тоа време, Билјана раскажа за CRNOBELO.com:
„Имав малку повеќе од 3 години кога се случил скопскиот земјотрес, па повеќето работи што ги знам денес се од раскажувањата на моите блиски.
Во куќата живеев со моите две сестри, нашите родители и тетка ми.
Куќата пред земјотресот
Тоа сабајле сите нè разбуди земјотресот. Ѕидот од собата во која спиевме се срушил, ама среќа што креветите беа метални, појаки, помасивни и не се поместиле многу.
Врз креветчињата кај што спиевме јас и моите сестри Ленче и Наде имаше паднати цигли, но никој не беше повреден.
Мојата најстара сестра, Ленче, знам, почнала да бега по скалите и се покрила со некој јорган.
Билјана во рацете на постарата сестра Ленче, 1961 година
Врз мојот кревет паднал шкаф, но се отвориле вратничките, па не ме поклопил.
Тој некако се задржал врз металната ограда на креветот, а мене ме извадиле од под плакарот неповредена.
Таткото на Билјана, Тошо Велковски
Во моментот на земјотресот само татко ми бил буден, се спремал за на работа.
Нè изнеле на улицата, на која живееја преку 50 семејства, и се сеќавам дека сите надвор довикуваа, си ги бараа најблиските.
За среќа, од моето семејство никој не беше повреден.
Пред куќата со баба ѝ Стојанка, 1961
Куќата, која се наоѓаше во Топаана, беше на два ката и беше многу уништена.
На горниот кат имаше два срушени ѕида, а чардакот беше целосно паднат.
Долниот дел од куќата не беше 'пипнат'. И покрај тоа, мораше да се санира штетата, не можевме да се вратиме во полуурната куќа.
Со двете сестри, татко ѝ и баба ѝ, по земјотресот
Срушените куќи во тоа време се обележуваа со црвено и со зелено.
Тие со црвено се рушеа, а тие со зелено се реновираа.
Па, додека чекавме да се изградат куќите, сите моравме да се снајдеме да живееме некаде.
Бидејќи татко ми работеше како управител на затворот Идризово, нè сместија таму во некоја ќелија, уредена пристојно за да можеме да живееме.