Го глумеа и Господ и ѓаволот во Македонските народни приказни, но пораката беше иста: „Доброто со добро, а лошото со лошо се враќа“
Македонските народни приказни нѐ научија дека Господ секогаш води сметка за нашето однесување, па лошите ги казнува, а добрите ги наградува. Ѓаволот, пак е неговиот најголем непријател, а и на човекот исто така. Која трансформација на актерите во приказните ви остави најголем впечаток? Кој ви беше „омилениот ѓавол“?
„Што ќе дадеш на овој, ќе најдеш на оној свет“, „Доброто со добро, а лошото со лошо се враќа“, „Убавиот збор и железни порти отвора“ се само дел од пораките кои ги испраќаа Македонските народни приказни.
Никој никогаш ги нема видено ниту Господ, ниту ѓаволот лично, но претставата за нив ја имавме преку извонредната глума на актерите во приказните.
Ние кои пораснавме со Македонските народни приказни си создадовме своја визија за тоа како изгледаат Господ и ѓаволот врз база на улогите на Ѓорги Колозов, Гоце Тодоровски, Шенка Колозова, Ванчо Петрушевски, Иван Кировски, Лазар Бараков, Дубравка Киселички и останатите кои беа дел од старата постава.
Македонските народни приказни нѐ научија дека некој таму горе води сметка за нашето однесување на земјата, па добрите ги наградува, а лошите ги казнува.
Од нив научивме и дека кога правиме лоши дела поучени од ѓаволот, секогаш ќе го извлечеме подебелиот крај.
Неповторливиот Ѓорги Колозов со својот топол лик и мудар израз на лицето најчесто ја имаше улогата на дедо Боже, но во дел од приказните глумеше и ѓавол.
Во некои епизоди и неговата сопруга, Шенка Колозова имаше улога на ѓавол, но и Ванчо Петрушевски и Гоце Тодоровски одлично се снаоѓаа во оваа улога.
Што мислите вие, која од трансформациите на актерите ви остави најголем впечаток и кој од нив најдобро се снајде во овие две улоги?
С. Ш. | Црнобело / фото: Фејсбук