Плажите на Вардар, езерото Треска и базенот под Кале - Носталгија за скопските лета
Базените низ Скопје, единствено место за разладување
Без градските плажи на Вардар, без езерцето Треска, базените низ главниот град останаа и сè уште се единствено место за разладување од високите температури.
Јас, како и многу мои врсници, научив на пливам на Треска, а продолжив на Воениот базен во Аеродром, бидејќи поблиску ни беше до дома.
За време на летниот распуст, барем еднаш неделно, ако не и повеќе, одевме на базен. И тоа сами, натоварени со сендвичи и колачиња од дома. Влезницата чинеше 50 денари. А, хит беше и ноќното капење!
Имаше мал и голем базен со скокалница за најхрабрите.
Некогашниот Воен базен сега се вика базен Бисер, реновиран, со повеќе реквизити и бар.
Покрај Воениот базен, Скопје ги имаше и Олимпискиот базен и базенот во Карпош. Но, не беа омилени за време на летото бидејќи се покриени.
Мене неостварена желба ми беше да одам на базенот Плаја Виста под Калето. Секогаш беше на летните прогами на телевизија, многу поголем од Воениот базен со многу реквизити.
Но, како тинејџер, никогаш не разбрав зошто не одевме таму, претпоставувам зошто беше подалеку и поскапо. Сега не ни знам што се случи со тој базен, само читав за спорови околку целото земјиште под Кале.
По затворањето на езерото, базените беа единствениот начин за кратко бегство од жештините.
Аквапарк и вили со базени
И после многу години, Скопје конечно доби модерен и забавен аквапарк, нешто што останатите наши соседи и метрополи го имаа одамна.
Паркот го посетив само на отворањето, изгледаше забавно, но само за помали деца и евентуално тинејџери, барем јас така мислам.
Во последниве две-три години, ако не и повеќе, скопјани кои останале во градот во лето, спасот го бараат во вилите со базени во негова близина. И, за мене тоа е одлична идеја.
Се изнајмуваат за родендени, момински и ергенски прослави - сепак, летото е за свадби, мали прослави и семејни веселби. Или, пак, се изнајмуваат за викенд бегство и разладување како единствена причина.
Во последните години никнаа и многу ресторани со базени, а и познати хотели ги отворија базените за дневни посети. А, според фотографиите на Инстаграм, овие вили и хотели се голем хит.
https://www.instagram.com/p/BYLdan5Ft1T/
Матка беше и остана мал скопски рај
За мене лично, кањонот Матка засекогаш ќе биде совршено место за бегство во скопските лета.
Го запознав како дете, и како што стареам, сè повеќе го сакам.
Неговата едноставна убавина, таа смарагдна зелена боја, мирот и мирисот на природа и жуборот на реката, тоа е добитната комбинација за еднодневно бегство од скопската бетонска џунгла.
Прочитајте и: „Од скопските горештини избегав на Матка – си замислив желба со раката на манастирот, имаше велосипеди на вода“
фото: Фејсбук
Пикник на брегот после долга прошетка, смеејќи се на децата кои храбро и бестрашно скокаат во ледената вода… зарем треба нешто повеќе?
Само да ни остане, да не биде само уште едно убаво сеќавање како плажите на Вардар, езерцето Треска и летните бавчи во градскиот парк.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело