Како ќе се оди на плажа во пандемија – италијанска компанија со предлог дизајн за заштита
Светот веќе почна да бара начини да продолжи со нормалниот живот во време на пандемија... Па така, неодамна се појави дизајн за прегради од плексиглас стакло, кои се еден вид заштита за луѓето кои ќе одат на плажа.
Компанијата одговорна за дизајнот, Nuova Neon Group 2, има седиште во Италија и веќе објави слики на кои се гледа како би изгледале преградите откако би биле поставени, со цел да може да се одржуваат мерките за заштита.
Преградите имаат ширина и должина од 4,5 метри, а се високи 2 метри – димензии со кои се обезбедува потребното социјално дистанцирање.
Во преградите има доволно место за две лежалки и еден чадор.
Според еден од дизајнерите во компанијата, идејата ја добиле откако почнале да си замислуваат како би изгледало враќањето на плажите.
„Идејата се роди со двојна цел – да ги заштити луѓето и да помогне во рестартирањето на активностите.“
Наводно, компанијата веќе работела на безбедносни прегради за банки, ресторани и аптеки, па дизајнерите одлучиле да направат нешто и за „комерцијалните активности“.
Откако, пак, ја претставиле идејата за прегради на плажа, набрзо почнале да добиваат порачки од објекти и ресторани кои имаат лежалки на плажа.
Плажите ширум целиот свет се затворени поради пандемијата со корона вирусот, а постои и можност да не посетиме плажа годинава, барем не на почетокот од летото.
Ако пандемијата ја ставиме под контрола, но не го искорениме вирусот, ќе мора да промениме многу нешта – вклучувајќи го и излежувањето на плажа. За среќа, идеите како оваа можеби ќе ни помогнат побрзо да му се вратиме на нормалниот живот.
Што мислите - има ли потенцијал ваквиот дизајн? Или сепак нема логика? Со оглед на тоа што нема да може да се контролира бројот на луѓе кои ќе влегуваат во вода...
Спирова С. | Црнобело