Како изгледа хотелот чиј сопственик го градел сам 36 години? (фото)
Ако почнавте да правите листа со места што сакате да ги видите откако ќе заврши пандемијата, хотелот Casapueblo сигурно заслужува да се најде на неа.
Овој хотел, кој делумно е и скулптура, се наоѓа во Пунта дел Есте во Уругвај и бил дизајниран од артистот Карлос Паез Вијаро. Интересното е што уметникот сам го градел хотелот, цели 36 години, а одвреме-навреме добивал помош од локалните рибари.
Хотелот е огромен и има 13 нивоа со тераси, а сите соби се украсени со симболи исцртани од Карлос. Покрај собите, објектот располага и со ресторан, спа-центар и музеј.
Уметникот бил страстен патувач, а земјиштето на хотелот го купил во 1958-ма година, со помош од инвеститори и пријатели.
Најпрво, тој изградил мало складиште за градежните материјали, а со текот на времето ја проширувал градбата, додавајќи нови простории.
Според сајтот на хотелот, Карлос ја прекрил првата градба со цемент, ја моделирал со неговите раце, а на ѕидовите ги сместувал предметите што ги собирал од неговите патувања. Постепено, на местото се појавувале тунели, ходници и тераси, и на имотот никнало цело здание.
Уметникот ја сметал градбата за огромна скулптура преку која посетителите можат да го откријат неговото дело. Тој велел дека хотелот бил нахранет од енергијата на илјадниците посетители кои поминале низ него и доживеале незаборавни моменти.
Во нормални услови, хотелот е отворен секој ден од 10 часот наутро, до зајдисонце. Интересно е што тогаш се одржува и церемонија во чест на уметникот, на која се пушта снимка од Карлос кој чита негова поема посветена на сонцето.
Уметникот живеел во хотелот до неговата смрт во 2014-та.
Доколку сте заинтересирани за посета, хотелот има 72 соби со разни големини кои гледаат кон Атлантскиот Океан.
Спирова С. | Црнобело