X-фактор: Четвртото Live Show го отвори Даниел, а го затвори Тамара (видео)
Вчера на Сител телевизија од 21:00 часот се емитуваше четвртото Live Show од „Х-фактор Адриа“ во кое натпреварувачите го покажаа својот напредок, поголемата сигурност и одличните вокални способности.
Изведуваа песни по свој избор или според изборот и желбите на нивните фанови кои често им пишуваат предлози.
Даниел настапи прв со една од омилените песни на публиката, но и негова, „Counting stars“од One republic. Без трема и со одличен сценски настап ја изведе песната, ја размрда публиката и ги собра сите позитивни коментари од жирито.
Втора по ред настапи Александра Брковиќ која пееше микс од песните „Zbog tebe“ од групата Тап 011 и песната „Tek je 12 sati“. Во нејзин препознатлив стил одлично се снајде на сцената и успеа да ја пренесе својата енергија.
Трет настапи слаткиот шармер од групата на Емина, Алекса Перовиќ, кој таа го најави како „најубавата насмевка на Х-фактор“. Со песната „Bailamos“ од Енрике Иглесијас која е одличен микс на англиски и шпански делови кои него најмногу му одговараат, успеа да воодушеви.
Како четврта настапи сексапилната Александра Секулиќ со песната „Kao da me nema“од Vanna. Препознатлива по својот сценски настап доби аплаузи од публиката, но Кристина повторно ѝ забележа дека сака еднаш да пее песна без кореографија, каде примарен ќе биде вокалот, а не изгледот.
„Докторите“ како петти направија вистинско шоу со една од најпозитивните песни од 2013 година, „Happy“ од Фарел Вилијамс. Одлично усогласени, интонативно точни, разиграни и раздвижени беа навистина шармантни. Тоа го потврдија и сите членови на жирито, но и публиката.
Малечката Илма Карахмет која вообичаено воодушевува со секоја изведба на секоја песна, овојпат имаше мала незгода, кога не можеше добро да ја слушне матрицата во слушалките, се збуни, прескокна еден стих, но продолжи до крајот. Беше многу разочарана иако жирито ѝ потврдуваше дека одлично се слушала во салата. Кристина, сепак, успеа да ѝ најде маана, дека песната „Nisam andzeo“ од Марија Шерифовиќ не ѝ одговара на нејзиниот вокал.
Седми настапи човекот-драма, Маид Хеќимовиќ со песната „Stvari lagane“од групата Тути Фрути. Малку посмирен настап од претходните, но Кристина му советуваше уште малку да успее да ја контролира неговата драматичност и енергија.
Еден од највпечатливите настапи имаше групата „4U“ со песната „Summertime sadness“ од Лана дел Реј. Тие, според Жељко, беа толку добро комбинирани што речиси дишеа како едно.
Деветти настапи Лукијан Ивановиќ од групата на Емина Јаховиќ со песната „Love me again“од Џон Њуман. Без премногу пофалби, но и без многу критики, жирито и публиката беа задоволни од неговиот настап.
Харис Ќато настапи како десетти со песна од Дино Мерлин, „Sve je laz“, која ја изведе во свој баладичен и по малку севдалински стил поради што ја разочара Кристина, но го воодушеви Жељко.
Шоуто го затвори Тамара Милановиќ, која настапи последна. Со емотивна изведба на песната „Jar of hearts“од Кристина Пери, буквално го освои и воодушеви жирито, кое не штедеше најпофални зборови за еден од нејзините најдобри настапи.
Во ревијалниот дел, за време на гласањето настапија специјалните гостинки Јелена Розга и Дорис Драговиќ.
По завршувањето на гласањето и соопштувањето на натпреварувачите кои продолжуваат и во следното Live Show, во дуелот за спас останаа Александра Брковиќ и Александра Секулиќ од кои на крајот испадна Александра Секулиќ според гласовите на жирито.
Следните настапи во живо се во вторник на 4. февруари, кога ќе може да ги видиме преостанатите десет натпреварувачи во нови изданија.