Грешки со кои им го скратувате „животниот век“ на електронските уреди
Телефонот ви стои под перница додека го полните, лаптопот ви стои во скут или над ќебе додека работите, го затворате лаптопот со една рака - кои грешки и зошто им го намалуваат векот на електронските уреди?
Лаптопите и смартфоните иако можат да ви користат со години, сепак се деликатни уреди за кои треба добро да се грижите.
Погледнете ги најчестите грешки кои треба да ги избегнувате ако сакате да ви траат подолго:
Ги оставате уредите да се прегреат
Колкупати досега сте се пожалиле дека лаптопот ви се загрева? Ако сте како повеќето, веројатно само го спомнувате ова и не преземате ништо во врска со загревањето. Но, високите температури лесно можат да ја оштетат батеријата на лаптопот и многу од внатрешните компоненти.
Затоа, ако забележите дека лаптопот ви се загрева многу, најдобро однесете го кај професионалец кој ќе провери дали можеби има проблем со неговиот систем за ладење и ќе ви го исчисти од прашината која може да го предизвика загревањето.
Исто така, немојте да го оставате лаптопот во жежок автомобил или во близина на грејно тело.
Ги користите уредите со валкани раце
Штом го користите лаптопот со валкани раце, сите нечистотии ќе завршат на него. На тач-падот ќе се акумулираат масти од вашите раце, а помеѓу копчињата ќе се соберат секакви нечистотии кои може да биде тешко да ги отстраните.
По некое време, и самите ќе почувствувате дека копчињата не се притискаат како што треба, а голема е веројатноста да се појават и проблеми со тач-падот.
Па, осигурете се дека рацете ви се чисти пред да го фатите лаптопот и не заборавајте редовно да го чистите. Денес можете да најдете средства за чистење екрани и лаптопи во секоја продавница за компјутери.
Истото важи и за вашиот смартфон.
Погрешно го затворате лаптопот
Екраните на лаптопите се деликатни и морате да бидете особено внимателни со нив ако сакате да ви траат.
Немојте да го затворате лаптопот држејќи го само за едно место (како на фотографијата лево). Наместо тоа, фатете го екранот на две места (фотографијата десно).
На овој начин ќе го намалите притисокот на екранот и дефинитивно ќе му го продолжените векот.
Го оставате лаптопот на меки површини
Можеби сте забележале дека во упатството за употреба на секој лаптоп е нагласено да се користи само на тврди, чисти површини, а има и многу добра причина за тоа.
Дупките на долниот дел од лаптопот служат за вентилација и ладење на машината. Кога вие ќе ги задушите со ќебе или каква било мека површина, лаптопот ќе загрева повеќе од што треба.
Покрај тоа, во вентилите сигурно ќе влезат влакна и прашина од меката површина, кои дополнително ќе го загреваат лаптопот.
Ова значи и дека треба да избегнувате да го ставате лаптопот во скутот.