Директорка за медал: На вработените им подари по 10.000 долари и авионски билети за каде и да посакаат
- Детали
- среда, 27 октомври 2021
Директорката Сара Блејкли им се заблагодарила на вработените за зголемената вредност на нејзината компанија купувајќи им по два авионски билети во прва класа за каде било во светот, како и бонус од 10.000 долари.
Сара Блејкли, основачка и директорка на компанијата за долна облека Spanx, им приредила незаборавно изненадување на вработените откако вредноста на компанијата пораснала на околу 1 милијарда долари.
Како награда за вработените што ѝ помогнале во тоа, Сара организирала забава и им подарила по две авионски карти на сите вработени, до дестинација по нивна желба, како и бонус од дури 10.000 долари.
Сара објави и видео на нејзиниот Инстаграм профил од говорот што им го одржала на вработените, како и мигот кога им кажува за изненадувањето, а реакцијата е непроценлива.
„Кога започнав со компанијата, на таблата во мојата соба си ја запишав целта и реков дека еден ден оваа компанија ќе вреди 20 милиони долари. И, сите ми се смееја, а јас им реков дека вистински верувам во тоа“, вели Сара во говорот.
„За да го прославиме овој момент, на секој од вас му купив по две авионски карти до која било дестинација во светот.
Знаете, кога ќе одите на патувањето, можеби ќе сакате да излезете на убава вечера. Можеби ќе сакате да престојувате во многу убав хотел, па, со билетите од прва класа, секој од вас добива и 10.000 долари“.
По ова, сигурно претпоставувате каква била реакцијата на вработените – ракоплескање, широки насмевки и по некоја солза.
Видеото на Сара стана вирално и јавноста се восхитува на нејзината дарежливост. Многумина, пак, ја споредуваат и со Ден Прајс – директорот кој си ја намали платата за 90% за да им овозможи поголема плата на вработените.
Дел од коментарите на социјалните мрежи:
„Неверојатно. Прекрасен гест!“
„Еве вака можете да ги мотивирате вработените да работат уште понапорно“.
„Една во милијарда!“
„Јас сум медицинска сестра. Како бонус ми даваат крофни“.
„Одличен пример за сите милијардери. Да, идејата за бизнисот е нивна и тоа е нивен бизнис, но искрено им требаат и вработени за да постигнат успех. Прекрасна жена“.
Спирова С. | Црнобело