Апел до туристите во Грција – Зошто не треба да ги вадите и убивате медузите?
- Детали
- вторник, 20 август 2019
Во изминатиов период на социјалните мрежи постојано гледаме фотки од „храбри“ туристи во Грција кои успеале медузите да ги извадат од море и со тоа да ги убијат, но зошто е тоа неправилно?
Иако медузите можеби предизвикуваат непријатно чувство кога ќе ги видите во вода, сепак не се толку опасни за да треба да ги извадите баш сите од морето и да ги оставите да умрат на сонцето...
Она што предизвикува вистинска опасност, е всушност неинформираноста на туристите, а Марко Тривунчевиќ испраќа апел да не се убиваат медитеранските медузи од неколку причини.
Овие медузи, пред сè се безопасни и досега не е забележан ниту еден негативен ефект врз луѓето, според сајтот Inhabitat:
„Медузата Cotylorhiza Tuberculata“ се движи во потоплите води на Средоземното, Егејското и Јадранското море. Нејзиниот пречник може да изнесува до 35cm, а нејзините пипки се толку слаби што немаат сериозно опасен ефект врз луѓето.
Исто така, вадењето на овие медузи по лична одлука не е дозволено, бидејќи постојат служби кои во случај на нивно големо размножување, стручно и во специјални услови ги отстрануваат медузите. Доколку крајбрежната стража ве фати како вадите медузи (или други живи морски суштества) големи се шансите да добиете висока казна.
Она што многумина го занемаруваат и забораваат е дека медузите живеат во тоа море преку целата година и тоа е нивни дом, а туристите се гости, кои немаат право да се однесуваат како морето да е нивна сопственост.
Па затоа, наместо да ја вадите од нејзиниот дом и да ја убивате, можете да ја набљудувате или да се фотографирате кога ќе ја здогледате под вода. Сетете се дека можеби вие им сметате на нив во нивниот дом, а сепак не ви наштетуваат...
И за крај, иако малкумина се свесни за тоа, оваа медуза е корисна, бидејќи во екосистемот, медузите се храна за голем број морски животни, а она што е уште поважно, е дека моментално се прават истражување за тоа како медузата Cotylorhiza Tuberculata може да се употреби за лекување на канцер.
Заради сите овие причини, овој турист, вљубеник во Грција, нуркач и еколошки настроен човек, апелира останатите туристи да престанат да ги вадат и убиваат овие интересни морски суштества.
Извор / фото: depositphotos.com