ТВ водителка поминала 400 операции, откако бившиот ја нападнал со киселина: „Се плашев од луѓето“
- Детали
- сабота, 03 февруари 2024
„Не сакав никого да видам и не сакав никој да ме види. Се сеќавам колку се плашев од луѓето, особено од мажите“ – британската ТВ водителка Кејти Пајпер, раскажува за хоророт низ кој поминала, откако бившото момче нарачало напад со киселина врз неа.
Британската водителка Кејти Пајпер (40) на која поранешното момче ѝ го уништи лицето со киселина, денес е среќна сопруга и мајка на две деца.
Во 2008 година се чинеше дека Кејти има сѐ што посакува една млада девојка. Таа беше еден од најбараните модели, а истата година успеа да ја понесе и титулата Мис Винчестер.
Како што сведочи и самата, нејзиното тогашно момче, Даниел Линч, поради љубомора решил да ѝ го одземе сето она што таа го поседувала во тој момент.
Опседнат со својата девојка, Даниел организирал напад со сулфурна киселина врз неа, поради што таа ослепела на едното око, а кожата ѝ била уништена.
Но, нападот не го извел сам, туку го ангажирал Стефан Силвестер за да ѝ истури киселина на лицето.
Како што подоцна објавија медиумите, Даниел бил опседнат со водителката и наводно ја следел уште пред да се запознаат.
Кејти помина низ 400 операции и успеа да ги минимизира оштетувањата на лицето и телото по нападот.
„Се сеќавам на времето кога не сакав никого да видам и не сакав никој да ме види. Се сеќавам колку се плашев од луѓето, особено од мажите.
Се плашев од целиот свет. Се сеќавам дека зборувањето за оваа траума беше невозможна мисија во тоа време“, изјавила Кејти во интервјуата.
Иако се чинеше дека никогаш повеќе нема да им верува на мажите, сепак денес Кејти е среќно мажена со Ричард Сатон со кого се венча во декември 2017 година и има две ќерки, Пенелопе и Бел.
Тој е нејзина најголема поддршка, па Кејти сега повторно е на малите екрани и го живее својот сон.
Раскажувајќи ја својата приказна, таа сака да им помогне на другите жени кои страдаат или претрпеле насилство и гласно зборува за својот проблем.
Таа вели дека кога доволно ќе пораснат, ќе им раскаже на своите ќерки за сѐ она низ што поминала.
Кејти ја напиша и книгата „Beautiful“ во која го раскажа своето трауматично искуство.
Доби бројни награди и признанија како Жена на годината и Гордост на Британија.