Страдал од биполарно нарушување, се верува дека убил и бебе: Кој е убиецот од Прага, кој усмрти 15 студенти?
- Детали
- петок, 22 декември 2023
Бил наградуван студент, син на вработен во секторот за обезбедување на аеродромот во Прага. Се верува дека страдал од биполарно нарушување – Што знаеме за Давид Козак, 24-годишниот студент од Прага кој ја потресе јавноста со масакрот на Карловиот Универзитет?
Целиот свет е потресен по масакрот во Прага, каде студент со автоматска пушка во четвртокот (21.12) усмрти најмалку 15 лица во Карловиот Универзитет.
Според пишувањата во чешките медиуми, Давид Козак (24) претходно го убил својот татко, а потоа со пушка и пиштол заминал на филозофскиот факултет на универзитетот во Прага, каде почнал да пука од балконот на зградата. Тој усмртил 15 лица, а 24 биле повредени.
Уплашените студенти и туристи бегале на сите страни и се криеле под прозорците за да се спасат од нападот.
На крај, Давид бил опкружен од полицијата и пред да биде усмртен од полицајците што пукале во него, тој сам си вперил пиштол и се застрелал.
На социјалните мрежи е објавено морничаво видео од студентите кои стуткани се кријат во училницата од нападот.
Во чешките медиуми од час во час се објавуваат нови податоци за убиецот и властите се обидуваат да ги одгатнат мотивите на младиот студент кој го извршил најголемиот масакр во историјата на Чешка.
Што знаеме за него?
Давид Козак по потекло е од Хостоун, место што се наоѓа на 20 километри од Прага. Се верува дека пред да тргне на напад на универзитетот, Давид прво го усмртил татко му.
Татко му на Давид бил Станислав Козак, кој работел во оддел задолжен за безбедност на аеродромот во Прага.
Давид бил наградуван студент по историја. Во моментов бил на мастер студии по историја, при што бил фокусиран на историјата на Полска. Полицијата верува дека тој водел свој дневник на социјалната мрежа Телеграм, каде само неколку дена пред нападот напишал:
„Го мразам светот, сакам да оставам колку е можно повеќе болка зад себе“.
Дента пред да го изврши нападот тој се пожалил дека слуша огромно зуење во ушите.
„Како да имам некоја светулка (што ми зуи) во ушите. Сакав да си ги откорнам ушите од главата“ – напишал тој.