Авиокомпанија воведе зона без деца во авионите – За или против?
- Детали
- среда, 08 ноември 2023
„Морав да седам до невоспитано дете 10 часа додека родителите само си седеа и си читаа. Мислам дека ова е одлична идеја!“, гласи еден од коментарите на патниците. Што мислите вие за воведувањето зони забранети за деца во авионите? Би доплатиле ли за лет без врева од деца?
Следејќи го примерот на неколку авиокомпании, Corendon стана првата европска авиокомпанија која нуди летови без деца. Односно, во авионот има зона која е забранета за деца.
Од авиокомпанијата ги најавија новостите во август годинава, а летовите се достапни од ноември.
Овие билети се достапни за летовите од Амстердам до островот Курасао во Карипското Море.
Зоната за возрасни се наоѓа на предниот дел од авионот. Има 93 седишта кои можат да ги користат патници над 16 години. За овој „луксуз“, патниците ќе треба да доплатат 45 евра.
Авиокомпанијата нуди и 9 седишта во истата зона кои имаат повеќе простор по цена од 100 евра.
Од авиокомпанијата велат дека оваа опција е одлична за луѓе кои се на деловни патувања или за луѓе кои немаат деца.
Истовремено, истакнуваат дека со ова ќе им се олесни летањето на родителите бидејќи тие нема да мора да се грижат дали нивните деца ќе прават многу врева.
„На нашите летови, секогаш настојуваме да ги задоволиме различните потреби на нашите клиенти. Веруваме дека ова ќе има и позитивно влијание врз родителите кои патуваат со мали деца.
Тие ќе можат да уживаат во летот без да се грижат дали нивните деца ќе прават малку повеќе врева“, изјави основачот на авиокомпанијата кога ја најави новоста.
Според Euro News, реакциите за новата услуга на авиокомпанијата се различни.
Некои сметаат дека е одлична идеја:
„Морав да седам до невоспитано дете 10 часа додека родителите само си седеа и си читаа. Мислам дека ова е одлична идеја!“
Некои, пак, се разочарани:
„Не можам да се одлучам дали ова наликува на дистопија или не. Но, генерално е тажно тоа што луѓето имаат малку толеранција за деца и бебиња – се однесуваат како да не треба да им се дозволи да се појават во јавност“.
Некои меѓународни компании ја нудат оваа услуга и пред Corendon.
Авиокомпанијата AirAsia X има „тивка зона“ на долгите летови резервирана само за лица над 12 години.
Во Сингапур, пак, има нискобуџетна авиокомпанија – Scoot – која исто така има зона која е забранета за деца помлади од 12 години.
Што мислите вие за услугата на авиокомпанијата?
Спирова С. | Црнобело