Забава за откривање на пол со трагичен крај: Мал авион што пуштал боја се сруши, пилотот загина (видео)
- Детали
- понеделник, 04 септември 2023
Во морничаво видео, направено во Мексико, се гледа како мал авион надлетува забава за откривање на пол на бебе и испушта розова боја. Но, речиси веднаш потоа, пилотот губи контрола и авионот се руши, по што пилотот загинал. Ова не е прва прослава за откривање на пол во светот која завршила со трагичен крај.
Прославите за откривање на полот на бебето веќе се хит и кај нас. Додека повеќето родители избираат нешто едноставно, како пукање балони со сини или розови конфети, некои дефинитивно одат до крајности, па дури и загрозуваат животи.
Неодамна во Мексико имаше токму ваква бизарна прослава која заврши трагично.
Пар од мексиканскиот град Синалоа на 2-ри септември направил прослава за откривање на полот на нивното бебе.
Тие најмиле мал авион кој требало да прелета над местото каде што се одржувала прославата и да испушти розова или сина боја.
На видеото од настанот се гледа како родителите се застанати пред голем знак на кој пишува „Oh Baby“, кога над нив прелетува авионот и испушта розова боја.
Но, како што родителите и гостите се радуваат, на видеото се гледа дека пилотот губи контрола на авионот и почнува да паѓа, пред да се сруши во непосредна близина на градината во која се одржувала забавата.
Најморничаво во целото видео е што во првите неколку секунди идните мајка и татко не сфаќаат што се случува, па радосно се прегрнуваат.
На фотки споделени подоцна се гледа дека авионот е потполно смачкан.
Според Daily Mail, пилотот кој управувал со леталото е 32-годишен маж и бил најден во урнатините на авионот.
Веднаш бил пренесен во болница каде што починал.
Daily Mail пренесува дека ова не е прва прослава за откривање на полот со трагичен крај.
Во октомври 2019-та, возрасна жена беше убиена во Ајова, САД бидејќи родителите користеле вид домашно направена бомба за да го откријат полот на бебето.
Во февруари 2021-ва, загина 28-годишен татко на прославата за откривање на полот на неговото дете, повторно поради сличен експлозивен уред.
Истата година, пар одлучил да го открие полот на бебето со топ, поради што настрадало 26-годишно момче.
Погледнете го видеото од трагедијата во Мексико:
https://twitter.com/upuknews1/status/1698324950992494976
Спирова С. | Црнобело