102-годишна старица повеќе од половина век учи бебиња и деца да пливаат: „Нема поголема награда од нивната насмевка“
- Детали
- четврток, 27 јули 2023
„Понекогаш мислам дека е време да се пензионирам, но некој ќе ми рече: ‘Пеги, продолжи понатаму, не запирај’. И, еве ме, уште работам“, вели 102-годишната Пеги Конзак, која преку 50 години држи часови по пливање за најмладите.
Пеги Конзак од Орегон има 102 години, но и понатаму држи часови по пливање во локалниот базен во Розебург. Таа повеќе од половина век им помага на децата да се запознаат со водата и да ја засакаат.
Во нејзината група, најмали се бебињата од шест месеци, а најстари се децата од 3 години.
„Тие се најголемата радост во мојот живот. Јас не работам, туку си играм со нив“, вели Пеги.
Нејзините инструкции им се од голема помош на сите родители кои сакаат нивните мали деца да научат да пливаат. Меѓу нив е и Џенифер Рид, чија ќерка Лајла е глува.
„Пеги е навистина прекрасна, бидејќи во својата работа вклучува многу гестикулација и едноставни знаци. Тоа што Лејла оди на часови кај Пеги навистина ѝ помогна. Таа има поддршка каква што навистина ѝ e потребна“, вели Џенифер за Wear News на ABC.
Пеги во својата работа се води од стил на учење на децата кој почнала да го применува далечната 1968-ма година.
„Порано доаѓав тука да пливам и да се опуштам, но во еден момент една моја пријателка ми рече: ‘Може ли да го донесам бебето да го научиш да плива?’ Ѝ кажав дека ќе ми биде задоволство и така почна сè“, вели Пеги.
Иако има 102 години, оваа витална старица не планира да запре.
„Децата ми се инспирација да станам наутро, да се подготвам за работа и да излезам од дома. Самата возам до базенот. И уживам во секое утро поминато тука“, вели таа.
Пеги е толку долго на ова работно место, што им држела часови по пливање на неколку генерации од едно семејство.
„Понекогаш мислам дека е време да се пензионирам, но некој ќе ми рече: ‘Пеги, продолжи понатаму, не запирај’. И, еве ме, уште работам“, додава таа.
Мештаните велат дека со својот елан и истрајност Пеги има големо влијание на целото гратче.
„Нејзин приоритет е децата да се безбедни кога се во вода. А тоа го учат од мали. Никој во нашата заедница не го прави тоа подобро од Пеги“, вели еден од нив.
„Што друго во животот што ќе ми донесе поголема награда од детската насмевка што ја гледам на секој мој час?“, додава старицата.
А. Ј. | Црнобело