Сијамски близначки споени на стомакот биле одвоени со 18-часовна операција – преживеале и 30 други процедури
- Детали
- понеделник, 15 мај 2023
Сијамски близначки од Ирска биле успешно одвоени со 18-часовна операција уште пред да наполнат една година. Во период од неколку месеци, им биле направени уште 20 други операции, а двете девојчиња сега се во одлична форма.
Анабел и Изабел од Ирска се сијамски близначки кои по бројни операции биле успешно одвоени.
Девојчињата, кои имаат една година, биле родени споени на стомакот и карлицата. А, тоа што ги преживеале многуте операции е ништо помалку од чудо.
Според Daily Mail, само во една од околу 100 милиони бремености настануваат сијамски близнаци. Од нив преживуваат само 7,5%. Операциите за одвојување, пак, ги преживуваат помалку од 60%.
По операцијата, девојчињата останале со по една нога, но нивните родители – Хана (32) и Ден (33) – велат дека тоа не претставува никаков проблем за нив.
„Изабел постојано си зборува нешто, додека Анабел е тивка. Таа е авантурист и постојано се крие зад телевизорот или каучот“, вели мајка им Хана.
Мајката истакнува дека иднината им носи и други предизвици, но со сопругот повеќе не се исплашени, штом девојчињата ги преживеале најризичните операции.
Хана и Ден се венчале во 2016 година и набрзо потоа почнале да се обидуваат да добијат дете.
По две безуспешни години, побарале помош од експерти. Тогаш Хана имала околу 130 килограми, па лекарите ѝ рекле дека ќе мора да ја намали тежината пред да почнат со каква било терапија.
Хана направила операција на желудникот, се ослободила од вишокот килограми и почнала со терапија.
Во летото 2021-ва, со сопругот откриле дека е бремена. Но, набрзо потоа дознале дека станува збор за ризична бременост.
Најпрво лекарот им кажал дека Хана е бремена со редок вид идентични близнаци. Во овој случај, ризикот од компликации како спонтан абортус и физички деформитети бил многу поголем.
„Беше многу застрашувачко. Се сеќавам како ни кажаа дека нашите близнаци се изложени на голем ризик и дека се многу ретка појава. Ни рекоа дека единствена поретка појава се сијамски близнаци“.
Само неколку дена подоцна, лекарите им потврдиле дека имаат сијамски близнаци. Тогаш им кажале дека бебињата се споени од стомакот до карлицата, но дека, за среќа, имаат две посебни срца. Истовремено, немале никакви други деформитети.
„Клучното нешто што ја прави операцијата за одвојување возможна е состојбата на срцето. На секој преглед едвај чекавме да видиме како чукаат нивните срца. Но, истовремено, беше страшно да ги гледаме споени“, открива Хана.
Девојчињата имале само заеднички црн дроб, но бидејќи ова е орган што се регенерира, тоа значело дека операцијата е сосема возможна опција за нив.
Сепак, поради бројните ризици, на Хана и Ден им било предложено да ја прекинат бременоста.
„За нас тоа не доаѓаше предвид. Исто така, знаевме дека ќе имаме поддршка помош“, вели Ден.
На 8 март 2022, Хана се породила со царски рез.
Девојчињата биле во толку добра состојба, што биле пуштени од болница само три недели подоцна. Месец-два по раѓањето, им била закажана и операција за одвојување.
Но, поради пандемијата, операцијата била презакажана за септември.
Процедурата траела дури 18 часа.
„Тоа беше најдолгиот ден од нашите животи. Медицинските лица ни кажуваа што се случува, но чекањето беше ужасно“, открива Ден.
Потоа, во период од околу три месеци, на девојчињата им биле направени уште 20-тина операции.
„Имаа над 30 процедури, вклучувајќи 20 операции. Кога беа одвоени, имаа специјална обвивка што им ги штитеше внатрешните органи. Па, моравме постојано да ги носиме на болница и да им ја менуваат обвивката, додека да им се затвори раната на стомакот каде што беа разделени. Исто така, имаше и други компликации“.
Ден и Хана истакнуваат дека во иднина девојчињата ќе имаат уште операции како и дека ќе треба да им купат протези бидејќи имаат по една нога.
Но, велат дека се среќни што најтешкото веќе е зад нив.
„Во иднина ќе има уште операции – ситници кои треба да се средат. Но, ќе се справуваме со тоа кога ќе дојде.
Во меѓувреме, уживаме во секој ден со нашите девојчиња. Дефинитивно се посебни и упорни. А, таа упорност ги донесе дотука“, вели мајка им.