Скриената порака на фустаните на Кјара Ферањи на Сан Ремо 2023 (фото+видео)
- Детали
- среда, 08 февруари 2023
„Телото на жената не смее да предизвика омраза и срам“ - Во фустан кој го симулира нејзиното голо тело и гради, но и во бел фустан на кој со црни бисери се извезени навредите што секојдневно ги добива на социјалните мрежи, италијанската инфлуенсерка Кјара Ферањи упати силна порака за време нa нејзиното обраќање на Сан Ремо. Што мислите би добиле ли нашите инфлуенсерки толку голема поддршка како таа, кога би се појавиле во ваков фустан?
Најпозната италијанска инфлуенсерка Кјара Ферањи се појави на 73-тото по ред издание на италијанскиот фестивал Сан Ремо, а двете вечери носеше креации на Dior.
Кјара се појави во гол фустан кој целосно го симулира голото тело на инфлуенсерката, а оваа креација беше наречена „бесрамен фустан“.
Таа одржа моќен говор во кој се обраќа до себеси кога била мала, па порача:
„Телото на жената никогаш не смее да предизвика омраза или срам. Здраво малечка. Одлучив да ти напишам писмо, а секојпат кога мислам на тебе ми се плаче, можеби затоа што ми недостасуваш, а можеби затоа што сакам да те поканам да видиш каква сум денес. Убаво е чувството кога голем број луѓе ти се восхитуваат, но, знаеш, не ме сакаат сите луѓе.
Сакаш да знаеш нешто за иднината? Отсекогаш се трудев да те направам горда.
Сѐ што направив, направив за тебе, за малото девојче што некогаш бев и во сѐ што правев постоеше мислата дека тоа не е доволно.
Сакам да ти кажам дека треба да знаеш дека ти си доволна, секогаш си била па дури и тогаш кога не си се чувствувала како доволно добра, доволно силна, доволно убава, тогаш си била таква.
Најголемите предизвици се во нашите глави и со самите себе. Уживај во ветрот, уживај во миговите, плачи, налути се, викај ако мораш.
Еден пријател ми рече дека никој не сака да оди на рамен ролеркостер. Живеј без страв дури и кога стравот ќе те обземе толку многу пати, што нема да знаеш кој пат е по ред, но ако нешто те плаши, тогаш сигурно е вистинското...“
Целта на овој фустан била да се обрне внимание на правата на жените, но и на тоа колку претставувањето на женското тело сѐ уште се смета за скандалозно и е предмет на дискусија.
Познатата Италијанка освен што изгледаше сензационално на сцената, таа во своите креации носеше скриени пораки.
Па така, втората вечер се појави со уште еден бел фустан на кој со црни бисери беа извезени дел од многуте навредливи пораки што таа ги добила на социјалните мрежи, а се поврзани со нејзиниот изглед.
„Идејата за везењето на овие црни зборови на бело платно е како книга да ја раскаже приказната за безвредното незадоволство против кое мора да се бориме секој ден.
Со овие сексистички фрази на Сан Ремо сакаме да ги потсетиме сите да не обрнуваат внимание и да не им дозволиме на хејтерите да нѐ онерасположат затоа што единствено е важно мислењето само на оние што навистина нè сакаат“ – стои во текстот до објавените фотографии на Инстаграм.
Кјара позираше заедно со нејзината ќеркичка во уште еден фустан наречен „кафез“, а привлече внимание и со наметката на која стоеше феминистичкиот слоган „мисли слободно“.