Колку заработија актерите од обединувањето на „Пријатели“ + колку „тежи“ секој од нив?
- Детали
- четврток, 03 јуни 2021
Сите сè уште зборуваат за впечатоците од специјалната епизода Friends – The Reunion. Новата епизода откри некои помалку познати детали, разбуди бура од емоции, нè врати во некои минати времиња, а за актерите тоа значеше и „дебел“ хонорар. Колку пари заработија актерите од новата епизода?
Friends – The Reunion откри некои нови шокантни информации, како на пример дека Џенифер Анистон и Дејвид Швимер биле вљубени еден во друг надвор од сетот, а за двочасовното дружење, според пишувањата во светските медиуми, секој од „пријателите“ добил хонорар од 2,5 милиони долари.
Уште кога се појавија информациите за можното обединување на актерите од мега-популарната ТВ серија, The Wall Street Journal пишуваше дека на актерите првично им бил понуден хонорар од 1 милион долари, што тие веднаш го одбиле, а потоа се преговарало за хонорари со износ помеѓу 2,25 и 2,5 милиони долари.
Но, ова не е единствениот износ што тие ќе го добијат. Дополнително, според пишувањата на USA today, секој од актерите добива висока сума од исплатата за авторските права.
Така, Warner Bros. и една деценија по завршувањето на серијата, секоја година заработува околу милијарда долари во име на авторски права, а секој од актерите добива по 2% од овој износ, односно околу 20 милиони годишно.
Според информациите што се објавени во медиумите, се знае дека актерите заработувале по 1 милион долари од секоја епизода во последните сезони на Friends, а во 1994-тата година започнале со „скромен хонорар“ од 22.500 долари по епизода.
Во втората сезона износот што актерите го заработувале бил променлив и се движел од 20.000 до 40.000 долари. Во третата сезона, актерите донеле историска одлука, па се обединиле за еднакви хонорари од 75.000 долари за секој од нив.
Во седмата и осмата сезона овој износ се зголемил десеткратно, па така добиле неверојатно покачување и исплата од 750.000 долари по епизода, за да стигнат до износ од еден милион во последната сезона.
Колку „тежат“ актерите во „Пријатели“?
Говориме за заработка на огромни суми пари, за кои некои од нас дури не можат ниту да сонуваат. Сепак, прашањето е кој од актерите заработил најмногу и кој колку „тежи“?
Џенифер Анистон
Кога говориме за актерите што дефинитивно се здобија со најголема слава, тука дефинитивно прва на ум ни паѓа поранешната сопруга на Бред Пит, Џенифер Анистон, која ја паметиме по улогата на Рејчел.
Според објавените информации, Анистон во 10-те години од емитувањето на серијата заработила околу 90 милиони долари. Но, кон нејзините вкупни приходи се придодаваат и заработките од повеќе филмски хитови како Bruce Almighty, Marley & Me и The Break-Up.
Од работата на The Morning Show заработува по 2 милиони од епизода, а секако заработува и од промоција и реклами на производи. Сè на сè собрано, се претпоставува дека актерката тежи околу 300 милиони долари.
Кортни Кокс
Кортни Кокс и Џенифер Анистон беа најдобри другарки на екраните, но и во приватниот живот се мошне блиски. Кога станува збор за заработката, Кортни се наоѓа на второто место, со богатство од околу 150 милиони долари.
Освен приходите од Friends, Кортни заработила и околу 6 милиони долари од појавувањето во ТВ серијата Cougar Town што се емитуваше од 2009 до 2015-тата.
Освен тоа, таа заработува поголеми суми од соработка со поголеми брендови, од продажба на недвижнини, но и како партнер во продуцентската куќа што ја поседува заедно со нејзиниот поранешен сопруг Дејвид Аркет.
Метју Пери
Можеби дел од вас ќе бидат изненадени, но Метју Пери знае како да направи пари. Тој заработил поголеми суми преку вложувања во недвижности, а заработил и 15 милиони долари од продажба на пентхаус во Холивуд.
Актерот кој во минатото јавно говореше за своите проблеми со зависностите и дека не се сеќава на голем дел од неговата улога во Friends од 3-тата до 6-тата сезона, сепак заработува солидни суми, па така се проценува дека тој тежи околу 120 милиони долари.
Лиса Кудроу
Слично како Анистон, и Лиса Кудроу ја продолжи кариерата на големото платно, па така се појави во филмовите The Other Woman, Booksmart и The Boss Baby.
Освен тоа, таа стана карактеристичен лик што се појавува во повеќе ТВ серии, како Grace and Frankie, Unbreakable Kimmy Schmidt, The Good Place и Space Force.
Таа има свое онлајн шоу Web Therapy, а заработува и од вложувања во недвижности. Сè на сè, денес на нејзината сметка има околу 90 милиони долари.
Дејвид Швимер
Швимер можеби не се здоби со сјајна актерска кариера како некои од неговите колешки, но сепак успеал да заработи доволно. Тој го позајми гласот за Мелман, жирафата во Madagascar, и ја толкуваше улогата на Роберт Кардашијан во American Crime Story.
Исто така поседува и театарска продуцентска куќа, која досега објавила над 60 театарски претстави.
Се претпоставува дека Дејвид „тежи“ околу 100 милиони долари.
Мет Ле Бланк
Џои можеби беше најзгодниот во актерската екипа, но кога станува збор за заработката, тој се најде на дното на листата. По завршувањето на Friends, актерот се обиде сам да креира спин-оф серија Joey, која траеше само две сезони.
Во 2016-тата тој успеа да добие улога во серијата Man with a Plan, каде заработуваше по 200.000 долари од епизода, а исто така се претпоставува дека заработил 2 милиони долари од 4-те сезони на автомобилското шоу Top Gear. Тој е последен на листата, со богатство од околу 80 милиони долари.
Б. С. Б. | Црнобело