Дру Баримор: „Majка ми од мене креираше чудовиште и на 13 години ме смести во психијатриска установа“
- Детали
- вторник, 02 март 2021
„Бев година и половина во место што се викаше Van Nuys Psychiatric и таму не можете да правите што сакате. Ако правите, тогаш ќе ве фрлат или во самица или ќе ве стават на носилка и ќе бидете врзани“, е дел од емотивната исповед на 46-годишната актерка.
Дру Баримор е во фокусот на вниманието уште од 5-годишна возраст и уште од толку мала се справува со славата и со сите тие „работи за возрасни“.
Таа отворено кажува дека нејзината мајка Џејд ја усмерила толку рано за да постигне успех. Баримор открива дека таа ја растела како своја најдобра пријателка, а не како дете.
Во едно интервју открива дека мајка ѝ ја прашувала: „Сакаш да одиш на училиште и да те задеваат цел ден или сакаш да одиш во Studio 54 и да работиш?“
Овој однос бил клучен за развојот на младата актерка и во еден миг и нејзината мајка го сфатила тоа.
„Мислам дека таа креираше чудовиште и не знаеше што да прави со чудовиштето“, изјави Дру при гостувањето во шоуто „The Howard Stern Show“.
Па, кога Дру имала 13 години мајка ѝ ја сместила во психијатриска установа во Калифорнија.
„Бев година и половина во место што се викаше Van Nuys Psychiatric и таму не можете да правите што сакате. Ако правите, тогаш ќе ве фрлат или во самица во изолираната соба или ќе ве стават на носилка и ќе бидете врзани“, се сеќава 46-годишната актерка.
Тоа не било лесно искуство, но судот на 14-годишна возраст на Баримор ѝ обезбедил ослободување.
„Тој нејзин потег да ме стави во психијатриска установа беше капката што ја прели чашата, но јас навистина бев надвор од контрола и ѝ простувам што го направи тој избор. Најверојатно чувствувала дека нема каде да се обрати“, изјави Баримор.
Инаку, Џејд ја растела Дру сама, откако се развела од нејзиниот татко, актерот Џон Дру Баримор, кој не бил многу присутен во нивните животи.
Родителите на Дру Баримор
На прашањето дали сѐ уште е во контакт со својата мајка, Дру вели: „Си разменивме пораки ова утро. Навистина ми е мило што закрепнувам. Се чувствувам подобро во врска со мојата мајка“.
Дру сега е мајка на две деца, од кои едното на 6, а другото на 8-годишна возраст.
Таа дури ја поканила мајка си во животите на своите деца, но со внимателност и претпазливост.
„Таа ги запозна моите деца, но постојат вистинска граници, дистанца и голема почит“, заклучи актерката.
С. С. | Црнобело