„Сакам да бидам нормална личност“ – Бритни Спирс прозборе за својот живот, нејзиното момче го критикува татко ѝ
- Детали
- среда, 10 февруари 2021
„Немам почит кон некој кој се обидува да ни ја контролира врската и постојано ни поставува пречки, според мене, Џејми (таткото на Бритни) е кретен“ - дечкото на Бритни се огласи со груби критики, додека пак пејачката изјави дека сака да има нормален живот, по објавениот документарец за нејзиниот живот.
Викендов беше објавен документарец, насловен Framing Britney Spears, кој се фокусира на кариерата на Бритни, особено во младоста, и настаните кои ја довеле до сегашната ситуација.
Документарецот го зголеми интересот за движењето Free Britney, како и теориите на заговор дека пејачката нема контрола ниту над нејзините профили на социјалните мрежи.
Веројатно затоа сега таа почувствувала притисок да се огласи во врска со целата ситуација.
На Инстаграм и Твитер, пејачката сподели видео од нејзиниот настап на 2018 New Year Rockin‘ Eve – американска програма што се емитува за време на новогодишната ноќ.
Ова е еден од последните настапи на Бритни, а нејзините адвокати имаат споделено дека пејачката одбива да настапува, сè додека нејзиниот татко е нејзиниот легален старател. Веројатно, токму поради тоа го одбрала ова видео.
„Не ми се верува дека оваа изведба на Toxic е од пред 3 години! Отсекогаш сум сакала да бидам на сцена… но сега одвојувам време за да учам и за да бидам нормална личност… Сакам да уживам во едноставноста на секојдневието!
Секоја личност си има своја приказна и своја верзија од тие приказни! Сите имаме толку различни убави животи. Запомнете, без разлика што мислиме дека знаеме за животот на една личност, тоа секогаш е неспоредливо со она што се случува зад камерата“, пишува во нејзината објава.
Иако фановите обично го критикуваат момчето на Бритни, а некои дури тврдат дека и тој „кова заговор“ против неа, 27-годишниот Сем Ашгари е поотворен во врска со ситуацијата на пејачката.
На Инстаграм Стори, тој го сподели неговото мислење:
„Важно е луѓето да разберат дека немам никаква почит кон некој кој се обидува да ни ја контролира врската и постојано ни поставува пречки.
Според мене, Џејми (таткото на Бритни) е вистински кретен. Нема да навлегувам во детали бидејќи отсекогаш сум ја почитувал нашата приватност, но истовремено, не се преселив во оваа држава за да не можам да го искажам моето мислење и моето право на слобода“.
Во меѓувреме, се огласи и извор близок до пејачката, кој вели дека Бритни не сака да го гледа документарецот:
„Бритни го нема изгледано, но знае за документарецот. Не сака да го гледа бидејќи ѝ е преку глава од ситуацијата со татко ѝ.
Смета дека во нејзиниот живот има дупка поради тоа и дека нема да живее нормален живот сè додека не се стави крај на ова. Таа знае дека ова е битка за нејзиниот живот“.
Бритни повеќе не ни зборува со татко ѝ, но тој тврди дека ѝ го мисли најдоброто:
„Кога на член од семејството му треба посебна нега и заштита, семејствата треба да истапат, како што правам јас изминативе 12 и повеќе години. Сето ова за да ја заштитам Бритни и да продолжам да ја сакам безусловно“, изјави Џејмс во декември минатата година.
Во август 2020-та, кога Бритни почна со судска постапка за да избега од контролата на татко си, нејзиниот адвокат сподели:
„Таа не сака татко ѝ да продолжи да биде нејзин легален старател и сака некој да го замени перманентно. Бритни ме информира дека се плаши од нејзиниот татко. Нема да настапува никогаш повеќе ако татко ѝ ја контролира нејзината кариера“.
Прочитајте и Славните со поддршка за Бритни Спирс – објавен контроверзен документарец кој прикажува како била злоупотребена
Спирова С. | Црнобело