„Знаев дека ќе го родам Џек, за веднаш да се збогувам со него“ – Криси Тајген се отвори за спонтаниот абортус со емотивен текст
- Детали
- среда, 28 октомври 2020
„Додека чекав да го родам Џек знаеќи дека веднаш ќе се збогувам од него, пред нашата врата во болницата, други луѓе славеа живот, можете да замислите...“ – Криси Тајген си ја отвори душата со емотивна објава првпат по абортусот.
Во четвртиот месец од бременоста, Криси Тајген го изгуби детето за кое веќе имаше одбрано и име – Џек. Сега, првпат после трагичниот настан, Криси се огласи во јавноста.
Откако Криси имаше спонтан абортус во четвртиот месец од бременоста и објави емотивни фотки од моментот на збогување со бебето, таа целосно се повлече од јавноста.
Сега, Криси решила да напише цел есеј, во кој отворено зборува за она со коешто се соочува:
„Не знаев кога ќе бидам подготвена да го напишам ова. Дел од мене мислеше дека ќе биде порано, кога уште ја чувствував болката од она што се случи.
Мислев дека ќе седам во аголот од собата со придушени светла, само размислувајќи. Ќе се напиев чаша црвено вино, ќе се покриев со ќебе и конечно ќе имав можност да се посветам на она што се случи.
Не знаев како да почнам со ова, без разлика во која просторија сум, но мислам дека е правилно да почнам со благодарам“, го започнува текстот Криси.
Криси зборува за многуте букети и пораки што ги добила од фановите, и колку многу тие ѝ помогнале. Многу фанови, пак, ѝ пратиле и лични приказни, книги и поеми.
Таа раскажува и за утрото кога се случил тажниот настан:
„Еден од моментите кои се истакнаа тоа утро (или вечер? не се сеќавам) беше кога ме носеа низ ходниците, и Џон рече ’Што, сериозно има забава овде?‘ Бевме тука, на нов кат, јас покриена со ќебе, знаејќи дека ќе го родам момчето кое требаше да биде петтиот член на нашето убаво семејство, син, само за да се збогувам со него неколку минути подоцна. Луѓето се забавуваа и се смееја пред мојата врата, за раѓањето и славењето на нов живот. Тогаш почнуваш да се прашуваш како секој мисли за секого, освен за тебе.
До тој момент веќе со помирив со она што ќе се случи: Ќе ми стават епидурална и ќе се породам во 20-тата недела, ќе родам момче кое никогаш не би преживеало во мојот стомак“.
Криси го спомнува и периодот пред ситуацијата да ескалира, кога цел месец поминала во болница. Зборува за тоа дека отсекогаш имала проблеми со плацентата, па дека дури и Мајлс го родила еден месец порано поради тоа.
„Лежев во кревет и крвавев, малку, но цел ден, сама менувајќи си ги пелените на секои неколку часа, кога веќе ми стануваше непријатно да лежам во крв“.
Потоа Криси била дома, но вели дека и да била во болница, сепак би било исто. Секој ден бил прегледувана од лекар и кога почнала да крвави повеќе, ја однеле во болница.
„После неколку ноќи во болницата, докторот ми го кажа точно она што знаев дека следува – време е да се збогуваме. Тој немаше да го преживее сето ова, а ако продолжеше, можеби немаше да преживеам ни јас“.
Криси ги опишува и моментите што се прикажани на срцепарателни фотографии:
„Ми ставија маска со кислород и тоа е првата фотографија што ја видовте.
Им реков на мајка ми и на Џон да фотографираат, без разлика колку е непријатно. Му објаснив на Џон, кој се противеше, колку ми требаат фотографиите и дека не сакав да го молам. Дека едноставно мораше да го направи тоа.
Не му се допаѓаше. Можев да препознаам. Тогаш не му беше јасно. Но знаев дека морам да го имам овој момент засекогаш, како што ми треба да го помнам моментот кога се бакнавме пред олтарот, како што ми треба да ги помнам солзите од среќа после Луна и Мајлс. И, дефинитивно знаев дека морам да ја споделам оваа приказна“.
„Не можам да ви опишам колку не ми е гајле што ги мразите фотографиите. Колку не ми е грижа што тоа не е нешто што би го направиле вие.
Јас го преживеав тоа, решив да го направам, и повеќе од сè, овие фотографии не се за сите, туку се за луѓето кои поминале низ истото или за оние кои сакаат да знаат како изгледа нешто вакво. Овие фотографии се само за луѓето на коишто им се потребни. Мислењето на другите не ми е важно.
Не знам што да кажам, дури ни сега. Тој беше надвор. Мајка ми, Џон и јас го држевме и се збогувавме, мајка ми плачеше додека кажуваше молитва. Ја замолив болничарката да ми ги покаже неговите дланки и стапала и ги бакнував повторно, и повторно. Не знам кога прекинав. Можеби беа 10 минути, или цел час“.
Потоа Криси опишува колку мизерно се чувствувала ноќта после тажниот настан и како засекогаш ќе има дупка во нејзиното срце.
„Го напишав ова бидејќи знаев дека морам да кажам нешто пред да го надминам ова и да продолжам со животот, па ви благодарам што ми го дозволивте тоа. Џек секогаш ќе биде сакан. Ѝ благодарам на секоја личност која мислеше на нас или која ни испрати поддршка и нејзина приказна. Многу сме среќни. Со многу, многу љубов, Криси“, завршува текстот.
Целиот текст на Криси можете да го прочитате ТУКА.
Спирова С. | Црнобело