Татко ѝ ги менаџира парите и социјалните мрежи – Бритни Спирс бара од судот контрола над својот живот
- Детали
- четврток, 20 август 2020
Заради проблемите со менталното здравје на Бритни, татко ѝ веќе 12 години менаџира со нејзините пари и целиот нејзин живот, а сега пејачката бара од судот конечно таа да ја добие контролата врз својот живот.
Цели 12 години, таткото на Бритни, Џејми Спирс, има контрола над парите и животот на пејачката, наводно поради загриженост за нејзиното ментално здравје.
Во 2019-та тој се повлече од оваа улога поради здравствени проблеми. Тогаш, како негова замена истапи менаџерот на пејачката, Џоди Монтгомери, но татко ѝ сè уште го има последниот збор.
Овој „договор“ истекува на 22 август и Бритни не сака да биде продолжен.
Според документ што бил доставен до судот во Калифорнија, пејачката повеќе не сака да ја контролира татко ѝ. Во документот било наведено дека после 22-ри, Бритни сака нејзиниот менаџер да се грижи за нејзината кариера, но таа да си ја врати контролата над своите пари.
Исто така, наведено е дека 38-годишната пејачка имала корист од сето ова, бидејќи грижата на татко ѝ помогнала да се врати на нозе и да си го задржи статусот како светски позната пејачка.
Повеќето фанови се убедени дека Бритни била присилена да ја прифати контролата на татко ѝ, па дури започнаа и кампања #FreeBirtney – ослободете ја Бритни. Нејзиниот адвокат, пак, изјави дека очекува Џејми Спирс да се противи на ова.
Во документот било наведено дека мора да се направи промена во овој случај, бидејќи Бритни направила огромни позитивни промени во животот, но и бидејќи е подготвена да се грижи за себе.
Што точно претставува договорот помеѓу Бритни и татко ѝ?
Во САД, во случај некоја возрасна личност да не е способна да се грижи за себе, ѝ се назначува еден вид старател кој ќе биде одговорен за нејзините пари, па дури и нејзините одлуки, како излегување.
После влошувањето на ментално здравје на Бритни во 2007-ма, судот одлучил дека таа спаѓа во оваа категорија, па татко ѝ ја презеде целата контрола врз нејзиниот живот.
Пејачката заврши и во ментална институција, а сепак успеа да издаде и три албуми, но и да се појави како судија во The X Factor.
Зошто фановите сакаат да ја ослободат Бритни?
Хаштагот #FreeBritney се појави во 2009-та, но набрзо се претвори во огромна онлајн кампања. Според фановите кои ја поддржуваат кампањата, таткото на Бритни има преголема контрола врз неа, без никаква потреба.
Фановите одат дотаму што веруваат дека татко ѝ ги контролира и нејзините социјални мрежи. Пејачката редовно објавува на Instagram, најчесто селфиња и видеа со танцување, но нејзините следбеници се убедени дека тоа е само глума.
На нејзините објави ќе најдете многу коментари како:
„Фотографирај се со црвена блуза ако си во неволја и ако ти треба помош“.
Уште почудно е што Бритни целосно ги игнорира овие коментари и се има огласено за нив само 2-3 пати. На пример, во видео од мај, таа изјави:
„Вие што мислите дека не објавувам јас на мојот профил… грешите“.
Пејачката има изјавено и дека нејзините Instagram објави всушност покажуваат колку е среќна и колку ужива во животот.
https://www.instagram.com/p/CDUZtF-gYZm/
Таа објавува и видеа на кои одговара прашања од фановите, а многумина истакнуваат дека звучи исплашено. Уште повеќе ги изненадува што Бритни ги игнорира прашањата како „Дали си во ред“ и зборува за омилени филмови, песни и слично.
Целата ситуација е навистина чудна, па останува да се надеваме дека судот ќе ѝ ја исполни молбата, и Бритни конечно ќе има контрола над својот живот.
Спирова С. | Црнобело