Британците почнаа да типуваат како ќе се вика бебето на Меган и Хари
- Детали
- четврток, 18 октомври 2018
Веста дека принцот Хари и Меган Маркл го очекуваат своето прво дете веќе ги мотивираше и Британците, но и сите останати фанови на кралското семејство да типуваат кое име ќе го добие.
Како и за трите деца на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, така и сега шпекулациите не изостануваат, па таблоидите и другите медиуми веќе издвоиле неколку машки и неколку женски имиња.
Традиционално, кралските деца добиваат имиња според своите предци и најчесто имаат по неколку имиња и тоа, првото име по кое се познати во јавноста и едно, две или повеќе средни имиња по кои се разликуваат од своите истоимени роднини.
Се чини дека британската јавност веќе има фаворити меѓу имињата кои долго се повторуваат во кралската лоза.
Машки имиња:
Алберт
Ова е вистинското име на кралот Џорџ 6-ти, таткото на кралицата Елизабета, кого уште го нарекувале и Берти. Исто така, Алберт е едно од средните имиња на принцот Хари, кое во целост гласи Хенри Чарлс Алберт Дејвид.
Хенри
Ова е името на идниот татко, кој скратено го нарекуваат Хари. Сосема е можно ако добие син, Хенри да биде едно од имињата во комбинацијата.
Филип
Иако ретко се случува како прво име да изберат според жив роднина, принцот Хари би можел да го испочитува својот дедо избирајќи го Филип како едно од средните имиња. Принцот Вилијам го носи името на својот дедо - неговото целосно име е Вилијам Артур Филип Луи.
Чарлс
Чарлс исто така е доста често име во кралското семејство, па можеби Хари и Меган ќе се одлучат да го дадат како средно име на своето дете.
Женски имиња:
Елизабет(а)
Иако ова име постои се пренесува долго време во кралското семејство, по кралицата, никој друг го нема добиено како прво име. Принцезата Шарлот го има како средно во своето целосно име Шарлот Елизабет Дијана.
Дијана
Доколку добијат ќерка, постои шанса војводата и војвотката од Сасекс да се одлучат да оддадат почит на покојната принцеза од Велс. Но, Дијана е и едно од средните имиња на принцезата Шарлот и можеби тоа би ги поколебало во изборот.
Алис
Последна која го носела ова име била принцезата Алис, војвотка од Глочестер, која починала на 102-годишна возраст во 2004-та. Таа била сопруга на принцот Хенри од Глочестер, чичко на кралицата Елизабета, односно брат на нејзиниот татко. Принцезата Алис засега е најдолговечниот член на британското кралско семејство.
Дорија
Ова не е традиционално кралско име и од сите наведени има најмали шанси, бидејќи не ни потекнува од кралската страна. Дорија е името на мајката на Меган Маркл и иако малку веројатно, сепак постои шанса доколку парот има ќерка, да ѝ го даде како средно име.
Е. Д. | Црнобело