Славни парови на кои реално шоу им го уништи бракот
- Детали
- недела, 07 октомври 2018
Интимата на ѕвездите отсекогаш ја скокоткала јавноста. Со внесување на камерите во нивниот приватен живот, тие несомнено добиваат огромно внимание и пари. Но, дали плаќаат двојно поскапа цена?
Реалните шоуа се телевизиски формат што изминатите години е во подем. Гледачите се во своевидна воајерска позиција, имајќи можност да ѕирнат дури и во спалните соби на своите миленици.
Учесниците, пак, егзибиционистички го сервираат личниот живот на тацна, дозволувајќи да бидат под будното око на камерите каде и да се. Нивната интима е сосема разголена.
Најдобар пример е семејството Кардашијан, кое се здоби со невидена популарност баш на овој начин. Изградија цела империја на сметка на приватноста, заработувајќи милиони последната деценија.
Меѓутоа, колкав е данокот на така стекнатара слава? Можеби не сте знаеле, но постои и ткн. „проклетство“ на реалните програми. Кога ќе се спомене, први што ни паѓаат на ум се неколку познати љубовни двојки.
Ова се славните парови на кои реално шоу им го уништи бракот:
Брус Џенер и Крис Џенер
По цели 23 години во брак, сопружниците поднесоа документи за развод во 2014 година. Крис и Брус Џенер ги цитираа ненадминливите разлики како причина. Сепак, повеќе од јасно беше дека клучен фактор е реалното шоу „Keeping Up with the Kardashians“.
Според блиски извори на двојката, славната менаџерка се претворила во комплетно нова личност, откако телевизиските камери влегле во нивниот живот. Како што популарноста на семејството се зголемуваше, така Брус го туркаше во позадина.
После разделбата, некогашниот олимпиец се декларираше како трансексуалец, по што тивко се трансформираше во жена, станувајќи Кејтлин Џенер. Иако не се повеќе заедно, одлуката на поранешниот партнер длабоко ја повреди мама Крис, предизвикувајќи нови тензии помеѓу двајцата.
Бритни Спирс и Кевин Федерлајн
Скандалозниот пар се венчаше во 2004 година. Во таблоидите наголемо се шпекулираше за љубовта меѓу поп принцезата и нејзиниот танчер. Причината? Кевин Федерлајн заради Бритни Спирс ја остави актерката Шар Џексон, додека таа беше бремена со второто заедничко дете.
Откако неочекувано стапија во брак, започна со емитување реалното шоу „Britney & Kevin: Chaotic“, сочинето од домашни снимки кои ја прикажуваа врската на двојката. Меѓутоа, не се прославија на малите екрани. Проектот доживеа тотално фијаско.
Станаа родители на две деца, по што пејачката побара развод во 2006 година. Турбулентната разделба на сопружниците ја доведе ѕвездата на работ од лудило. Година дена подоцна, таа беше хоспитилизирана во психијатриска болница, поради драматичните испади во јавноста.
Ник Лаше и Џесика Симпсон
Нивната љубовна приказна ги полнеше насловните страници. А, самите се виновни што пребрзо згасна. Поточно – тие ја уништија. Непосредно по свадбата во 2002 година, поп ѕвездите зедоа учество во реалното шоу „Newlyweds: Nick and Jessica“, кое се прикажуваше на телевизијата MTV.
Во разговор за магазинот Rolling Stone, Ник Лаше откри дека со Џесика Симпсон се занеле во глумата: „Почнавме да ги играме улогите, дури и кога бевме сами. Се изгубивме. Веќе не ни беше јасно што навистина е нашата реалност.“
Помеѓу сопружниците растеше и тензијата околу парите, популарноста и приоритетите, доведувајќи до тоа пејачката да објави дека сака развод во 2005 година. Драмата ја оставија во минатото и двајцата продолжија напред со сопствените животи.
Кармен Електра и Дејв Наваро
Глумицата и гитаристот го документираа нивниот пат до олтарот во „Til Death Do Us Part: Carmen & Dave“ во 2004 година. Бракот на славната двојка не го оправда називот на шоуто. Кармен Електра и Дејв Наваро не останаа заедно додека смртта не ги раздели. Напротив.
Издржаа до 2007 година, по што двајцата се разделија. Таа наводно се насмеала на тврдењета дека разводот дошол како резултат на споменатото „проклетство“. Меѓутоа, парот призна дека наспроти целта што пореално да ја прикажат нивната романса, ним тешко им било да бидат реални.
„Опколени бевме со камери и цела телевизиска екипа. Нѐ следеа насекаде.“. Иако им се раздвоија патиштата, останаа во пријателски односи, продолжувајќи да се поддржуваат еден со друг.