Сосема нова перспектива на трагичната приказна на Џенис Џоплин
- Детали
- среда, 03 октомври 2018
На 4 октомври се навршуваат 48 години од смртта на музичката рокенрол и соул легенда Џенис Џоплин, која според официјалните наоди, починала од предозирање.
Сепак, нејзината блиска пријателка Пеги Кастера веќе 48 години се прашува дали предозирањето била вистинската причина за смртта на пејачката. Она што ја прогонува сите овие години е сандалата со висока потпетица на Џенис на местото на злосторството.
Кастера пристигнала во хотелската соба каде е пронајдено телото на Џоплин кратко откако дошле полицајците.
„Ѝ го видов стапалото како виси од крајот на креветот. Лежеше со кутија цигари во едната и кусур во другата рака. Со години се прашувам... Како успеала да се предозира, да излезе од собата за да земе цигари од автоматот, да се врати и да почине. И јас се имам предозирано, веднаш се струполив на земја. Животот продолжи, но јас секогаш мислев дека нешто во сето тоа е погрешно“, изјавила Кастера.
Она на што таа се сомнева е дека Џенис навистина земала наркотици, но се сопнала со штиклата на хотелскиот тепих, паднала и го скршила носот од ноќната масичка. Според Кастера, сосема е веројатно дека Џенис починала поради вдишување на сопствената крв. Предозирањето ѝ се чини како помалку веројатно, бидејќи истата вечер и таа ја земала истата количина од истата дрога, но на друга локација во градот.
Кастера е позната по тоа што напиша една хроника посветена на нејзиниот живот и пријателството со Џенис Џоплин. Подоцна напишала уште една, со цел да ги исправи неправдите што ги направила со првата, бидејќи изгубила контрола со изнесувањето детали за нивните животи.
Е. Д. | Црнобело