Никогаш не вели никогаш: Славни дами кои го променија ставот за бракот
- Детали
- понеделник, 28 мај 2018
Тие се колнеа дека нема шанси да се омажат, но времето го докажа спротивното. Не само што застанаа на лудиот камен, туку денеска се посреќни од кога и да е.
Постојат познати жени на кои венчавката не им беше на листата со приоритети. Од различни причини, тие не веруваа во бракот како институција. И неретко јавно говореа на оваа тема. Меѓутоа, сѐ се промени во мигот кога го запознаа „Господинот Вистински“.
Ова се славните дами кои го променија ставот за бракот:
Џесика Частејн (41)
Актерката Џесика Частејн и Џанлука Паси де Пропосуло, кој е извршен директор на италијанскиот моден бренд Moncler, започнаа да се забавуваат во 2012 година. Нивната врска беше крунисана пет години подоцна, кога двајцата и официјално станаа маж и жена.
Во скорешно интервју, црвенокосата глумица откри зошто го променила ставот да заплови во брачните води:
„Никогаш не сакав да се омажам. Кога го запознав сегашниот сопруг, знаеше дека не сум заинтересирана за брак. Почнавме да се запознаваме еден со друг. Тогаш го променив ставот за бракот. Некои нешта едноставно треба да се прослават, а сопругот навистина вредеше да го направам тоа. Сега сакам да бидам во брак. Во ниеден момент не мислев дека ова ќе биде возможно, ама тој е спектакуларно човечко битие. И славам што мојот живот можам да го споделам со него.“
Камерон Диаз (45)
Уште на почетоците од кариерата, актерката Камерон Диаз тврдеше дека нема намера да се мажи. Во повеќе наврати, таа изјави дека се плаши од таквата обврска, како и дека едноставно не е тип на личност за брак.
Сепак, филмската ѕвезда го промени тврдокорниот став, откако во нејзиниот живот влезе музичарот Бенџи Маден:
„Откако го запознав, прво што си помислив е дека е згоден. Се запрашав како тоа претходно не го запознав. Никогаш не бевме во исти кругови. Се венчавме во својата дневна соба, пред најблиските пријатели. Потоа имавме мала забава во градината. Ние двајцата сме мошне различни како личности, ама ги споделуваме истите вредности. Никогаш немав искусено нешто такво. Никогаш никој не ме сакал на овој начин. Го погледнувам секој ден и едноставно ме инспирира. Навистина сум среќничка. Сега кога го имам мојот сопруг покрај себе, ништо повеќе не е важно. Воопшто не се присетувам на минатото. Никој не може да се спореди со него. Сѐ друго исчезна. Едноставно сфаќате дека тоа е она вистинското. Вистинската љубов. Сфаќате што значи вистинска посветеност и лојалност. Тоа е личноста со која го градите својот живот.“
Рејчел Вајс (48)
И сопругата на Даниел Крег го мразела бракот, сѐ додека не се вљубила во него. Имено, актерката Рејчел Вајс беше во долгогодишна врска со режисерот Дарен Аронофски, а заедно имаат и дете. Двојката раскина во 2010 година, кога наголемо се шпекулираше дека причината е русокосиот „Џејмс Бонд“.
Се покажа дека е вистина, па после неколку месеци, својата прељубничка афера ја крунисаа со брак. Глумицата неодамна призна дека драстично го променила ставот:
„Не мислев дека ќе бидам во брак. Тоа никогаш не беше моја амбиција. Напротив. Не можев да се соживеам со романтичните комедии, каде сѐ се врти околу бракот. Но, ете ми се случи и мене. За среќа - во моментот кога бев зрела за брак. Сега го носам прстенот цело време. Го носам со гордост. Јас сум зафатена жена.“
Алисон Бри (35)
Актерката Алисон Бри, пак, имала само пет години кога родителите ѝ се развеле. Трауматичното искуство од детството, со години влијаеше на нејзиното мислење за бракот.
Меѓутоа, како и претходните примери, таа го променила ставот по среќавањето на вистинската љубов. Лани се венча со колегата Дејв Франко, па проговори какви ѝ се импресиите:
„Не сакав да се омажам. Себеси и на другите им велев дека тоа не е мојот пат, бидејќи водам премногу луд живот. И одеднаш се заљубив. Глумата ме исполнуваше, ама не ми беше најважната работа. Има нешто во бракот поради кое осетив посебен мир, па дури и поголема слобода. Воопшто не се чувствувам заробена. Бракот е навистина супер.“
M. A. | Црнобело