Овации за сопругата и ќерката на Елвис Присли
- Детали
- четврток, 16 август 2012
На 35-годишнината од смртта на „кралот на рокенролот“ Елвис Присли, обожавателите во четвртокот со овации ги поздравија неговите поранешна сопруга и ќерка на неговиот имот Грејсленд во Мемфис, во американската сојузна држава Тенеси.
Шеесет иседумгодишната Присила и 44-годишната Лиза Мери Присли им се обратија на насобраните пред влезот на имотот во Грејсленд каде неговите обожаватели во средата навечер го одржаа бдението со свеќи.
„Секогаш избегнував да доаѓам ваму, бидејќи сметав дека тоа е претежок емоционален товар, меѓутоа вечерва почувствував колку е важно што сум тука“, изјави ќерката на Елвис Присли, Лиза Мери, а на насобраните им се обрати и неговата сопруга Присила.
Грејсленд, имотот на кој се наоѓа куќата на пејачот со 23 простории, каде што Елвис е закопан до неговите родители, остана отворен целата ноќ за посетителите коишто дојдоа од сите страни на Америка.
Елвис и Присила Присли се разведоа во 1973 година, по шест години брак, меѓутоа останаа блиски сé до неговата смрт, а Присила потоа го презема управувањето со имотот Грејсленд кој стана голема туристичка атракција.
Лиза Мери Присли, тргна по стапките на својот татко како кантавторка, годинава по седумгодишна пауза го објави албумот „Storm and Grace“, се мажеше четири пати, а еден од нејзините сопрузи беше и починатата поп-икона Мајкл Џексон, со кого беше во брак од 1994 до 1996 година.
Манифестацијата Неделна на Елвис се одржува секоја година и трае девет дена. За во четврток е закажан концерт на градскиот стадион во Мемфис на кој учество ќе земат и Присила и Лиза Мери Присли, како и преживеаните изведувачи од бендот што го следеше Елвис кои ќе ги изведат најпознатите негови нумери.
Елвис Присли, роден 1935 година, првата композиција „That's All Right Mama“ ја снимил во 1954 година, како роденденски подарок за својата мајка, а набрзо потоа и хитот „Heartbreak Hotel". Кон крајот на 1950-те и кон средината на 1960-те го напушта изворниот рокенрол и се насочува кон комерцијални хитови. Издаде 52 плочи, коишто уште за време на неговиот живот се продадоа во 600 милиони примероци.
Последниот концерт Елвис Присли го одржа во 1976 година, во Лас Вегас, а почина на 16-ти август 1977 година, од срцев удар, по повеќе годишно боледување од гастритис, дијабетес, како и зависност од дроги.
Елвис Присли, исто така, има снимено и 30-ина филмови, а некои од неговите незаборавни хитови се „Love Me Tender“, (како и истоимениот филм) „Tutti Frutti", „Jailhouse Rock“ и десетина други, а неговите обожаватели истакнуваат дека „легендата сé уште живее“.
16.08.2012 (Макфакс)