Ѝ покажувал видеа и фотографии од голи жени, ја допирал: Зошто Блејк Лајвли го тужи режисерот на нејзиниот нов филм?
- Детали
- понеделник, 23 декември 2024
Драмата меѓу Блејк Лајвли и режисерот на It Ends With Us кулминира со тужба од страна на актерката, која го обвинува за сексуално вознемирување кое вклучува зборување за неговата зависност од порнофилмови и давање коментари со сексуална конотација за Блејк, но и сите од филмската екипа.
На контроверзиите поврзани со новиот филм на Блејк Лајвли како да им нема крај.
Уште на премиерата на филмот, тензијата помеѓу актерката и режисерот на It Ends With Us, Џастин Балдони, беше повеќе од очигледна.
За американските медиуми, разни извори велеа дека однесувањето на режисерот, кој воедно и глуми во филмот, било ужасно, додека други го вперија прстот кон Блејк.
Во меѓувреме, Блејк се соочи со критики од јавноста поради начинот на којшто промовираше филм за семејно насилство.
Сега, четири месеци по премиерата, целата драма кулминира со тужба – Блејк Лајвли го обвинува режисерот Џастин за сексуално вознемирување.
Според TMZ, Блејк навела дека Џастин создавал токсична работна атмосфера.
Но, покрај тоа, ѝ покажувал фотографии и видеа од голи жени и ѝ зборувал за неговата зависност од порнофилмови.
Исто така, Блејк тврди дека ѝ давал замерки за нејзината тежина, коментирал за нејзиниот починат татко, а давал и коментари со сексуална конотација за останатите од филмската екипа.
Наводно, средината на сетот била толку лоша за работа, што се вмешал и Рајан Рејнолдс, сопругот на Блејк.
Заедно со Рајан, Блејк побарала да се свика итен состанок со кој ќе се разговара со режисерот, со цел да се стави крај на неговото однесување.
Блејк навела и листа со дури 30 барања поврзани со однесувањето на режисерот.
Овие барања биле доставени до филмското студио додека траело снимањето и првично биле прифатени, но некои проблеми сепак продолжиле.
Со барањата, Блејк открива дека режисерот ѝ ги опишувал своите гениталии, ја допирал без нејзина дозвола, пробувал да влезе во нејзината соба кога била гола…
Актерката побарала за сите преостанати секс сцени да се користи двојник, освен во сцените кога требало одблиску да ѝ се гледа лицето.
Притоа, за секоја секс сцена, без разлика дали со Блејк или двојничка, да има координатор за интимни сцени.
Побарала и состанок со одговорно лице од Sony (кои се продуценти на филмот) и поголем надзор од нивна страна за случувањата на сетот.
Исто така, Блејк тврдеше дека околу премиерата на филмот, режисерот започнал кампања против неа, со цел да ѝ ја уништи репутацијата.
Од друга страна, адвокатскиот тим на режисерот вели дека обвиненијата на Блејк се „лажни, скандалозни и со намера да му нанесат јавна штета“.
Односно, целта на Блејк ѝ била „да си ја спаси репутацијата“, среде контроверзиите со кои се соочува.