Мислел дека е инфаркт, но била реакција на гасеница што ја има и кај нас - Актерот од „50 Shades of Grey“ итно хоспитализиран
- Детали
- вторник, 23 јануари 2024
„Овие гасеници се мошне чести низ голф игралиштата во Португалија и заради нив повеќе луѓе во 40-тите години од животот доживеале срцеви удари“ – пријател на актерот Џејми Дорнан, открива како и двајцата биле итно хоспитализирани заради средба со гасеница.
Актерот Џејми Дорнан (41) кој ќе биде запаметен по улогата на Кристијан Греј во филмовите 50 Shades of Gray, бил примен во болница во Португалија и бил уверен дека има симптоми на срцев удар, а на крај се покажало дека станува збор за реакција на отровна гасеница.
Другарот на Џејми, Гордон Смарт, неодамна гостуваше во еден подкаст на BBC, каде зборуваше за хоророт што го преживеале заедно додека биле во Португалија во посета на голф одморалиште.
Тие двајца сметале дека симптомите што ги чувствуваат се последица на големиот број пијачки што ги испиле претходната вечер.
„Почувствував трнење на левата рака“ – раскажува Гордон и вели дека почнал да верува дека има симптоми на срцев удар, по што побрзал во болница.
Откако го пуштиле од болница, Гордон се вратил во хотелот и видел дека Џејми е прикачен на медицинска опрема.
„Ми рече: ‘Леле, Гордон, 20 минути откако замина ти, левата рака ми остана неподвижна, не можев да ги мрднам нозете и одеднаш се најдов во возило на брза помош’“ – раскажува Гордон.
Неколку дена подоцна, актерот и неговиот пријател дознале дека симптомите што ги почувствувале не се последица на премногу кофеин или алкохол, туку на блиската средба со гасеницата на молецот што кај нас е познат како Боров четник. Овој молец го има и во Македонија и некогаш предизвикува штета.
Станува збор за мошне отровна гасеница, и допирот на нејзините влакна до кожата на човекот предизвикува опасни реакции.
Оваа гасеница многу често ја има низ шумите во Јужна Европа, а се среќава и на игралиштата за голф во Португалија.
„Овие гасеници се мошне чести низ голф игралиштата во Португалија и заради нив голем број кучиња загинале, а повеќе луѓе во 40-тите години од животот доживеале срцеви удари.
Излезе дека ние сме имале средба со таква гасеница и сме биле многу среќни да останеме живи“ – вели Гордон.
Инаку, овие гасеници најчесто се надвиснуваат во гнезда слични на шатори на боровите дрвја, а низ шумата се движат во колона една зад друга, заштитени од отровните влакна.
Б. С. Б. | Црнобело