Со симболично боење сива инсталација поставена на плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска беше означен почетокот на кампањата „Внеси боја во сивата економија“, чија цел е да ја подигне свеста за последиците од нерегистрираните економски активности врз квалитетот на животот на секој граѓанин, како и да поттикне нивно намалување. Кампањата ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за финансии. Министерот за финансии, Фатмир Бесими истакна дека изминатата година министерството заедно со органите во состав активно работат на Акцискиот план за сузбивање на сивата економија во насока подигање на свеста од последиците од сивата економија и потребата од нејзино намалување.