Каратистите на „Макпетрол“ доминантни на младинското државно првенство
- Детали
- понеделник, 06 декември 2021
Натпреварувачите на карате клубот „Макпетрол“ викендов во Гостивар имаа извонредно енергичен и убедлив настап на македонскиот младински државен шампионат.
Во девет пријавени категории тие имаа седум финални меча и освоија исто толку златни и две бронзени медали. На тој начин екипата беше најуспешна меѓу 46 клупски и 224 индивидуални учесници на првенството што има изборен карактер за влез во нашата репрезентација која што во февруари 2022 година ќе биде дел од европскиот шампионат во Прага.
- Задоволни сме од настапот на нашите млади каратисти и од постигнатиот резултат на ова државно првенство. За овој шампионат работевме и се подготвувавме навистина сериозно. Бевме силно мотивирани и демонстриравме модерно олимписко карате. За нас како клуб, приоритетно е дека докажаните репрезентативци во борбите и двата дена, односно првиот ден кога станаа државни шампиони, и вториот ден кога се одржаа борбите од плејофот ги потврдија своите квалитети и влегоа во националниот тим - истакна тренерот Петар Заборски.
Стефан Стојановиќ, Абдурахим Идризи и Глигор Петков, кои што се докажани европски медалисти се пласираа на престојниот шампионат, додека дел од националниот тим ќе бидат и Марија Петровска, Витомир Трајковски и Јована Мицовска. Иако беше државен првак, Викторија Јовановска не успеа да влезе во тимот што ќе патува во Чешка. Овие седум натпреварувачи освоија злато, додека Димитар Лозановски и Даријан Тасевски се закитија со бронзен медал.
Дел од македонската јуниорска репрезентација ќе биде и Јована Мицовска, која што во првиот ден од националниот турнир беше второрангирана, но преку борбите во плејофот се искачи на првата позиција во својата категорија под 59 килограми.
По прворангираниот клуб „Макпетрол“ меѓу петте најуспешни на државниот шампионат се најдоа и „Олимпик“ од Скопје, „Гладијатор“ од Велес, „Фунакоши Гичин“ од Скопје и „Штип“ од Штип.