Асан Даутовиќ: „Приготвуваме гастрономско уживање во ресторан Лав со готвачот Филип Митевски - мени со 12 оброци и 8 сортни вина“
- Детали
- вторник, 21 март 2023
„На 24-ти март организираме една прекрасна вечера со ограничен број на гости и тоа не повеќе од 50 гости овојпат, бидејќи менито е малку покомлексно. Менито ќе има 12 различни јадења и неколку изненадувања, а споени се со 8 вина од 8 македонски винарии и ќе бидеме првите во Македонија кои ќе приредат вакво незаборавно гастрономско доживување“, споделува Асан Даутовиќ (42) од Скопје, искусен угостител кој ветува дека ресторан Лав допрва ќе нуди вакви уникатни настани.
Асан Даутовиќ (42) од Скопје повеќе од 20 години работи во сферата на угостителството, а во „семејството“ составено од двата ресторан Аликас и Лав тој е нов член.
Поточно, тој веќе 2 месеца е дел од тимот, но се чувствува како да е отсекогаш и среќен е што со своите идеи ќе ја разубави атмосферата во овие врвни локали и ќе ја збогати програмата.
Асан е и менаџер за односи со јавност на здружението на готвачи на Македонија „ГастроМак“ и прв меѓународен судија прогласен од страна на Здружението на готвачи од медитеранските и европските региони (ШКМЕР).
Лав ресторанот (Løve Restaurant by Alikas) постои веќе една и пол година, поради потребите и барањето за отворање на уште еден помал ресторан од веќе постоечкиот ресторан за свадби Аликас.
Аликас е веќе добропознат свадбен ресторан со капацатитет од 150 до 400 гости во затворениот дел и два прекрасни двора кои служат за разни прослави. Едниот двор има капацитет од 150 гости, а другиот е со капацитет до 300 гости.
Асан најавува спектакуларен гастрономски настан на 24-ти март во ресторан Лав, каде нашиот, а светски готвач, Филип Митевски ќе допатува од Германија и ќе приготви мени од 12 неверојатни јадења, послужени со 8 внимателно избрани сортни македонски вина.
Асан открива детали за настанот, но и за функционирањето на ресторанот:
Колку време постои Løve Restaurant by Alikas? Како се одлучивте по свадбениот ресторан Alikas, за започнување на една нова приказна?
По 6 години постоење на свадбениот ресторан, одлучивме семејството да се прошири со уште еден член кој го нарековме Лав и којшто има капацитет од 120 гости и мала тераса од 80 гости.
Колку е тешко да се биде менаџер на локал од овој тип? Кои се предизвиците, како ја организирате работата?
Воопшто не е тешко ако работата што ја работите е со љубов и почитување.
Напротив, тоа ве прави среќни и исполнети, а уште посреќни сте ако сте дел од едно вакво прекрасно семејство, како што е семејството Аликас и Лав.
Предизвиците се големи бидејќи имам на располагање два прекрасни ресторана, на кои ги користиме сите капацитети за остварување на многу идеи, меѓу кои е најновата идеја – готвени јадења за достава по фирми и разни објекти и којашто веќе успешно се реализира.
Секојдневно се пакуваат и испорачуваат по 254 порции дневно и тој број секојдневно расте.
Какво гастрономско искуство нуди Løve Restaurant by Alikas? Колку е внимавано од ентериер до избор на готвачи?
Лав ресторанот работи, покрај како совршено место за разновидни прослави, и како а-ла-кард ресторан со прекрасно и богато мени коешто можете да го најдете и во електронска форма на нашите Инстаграм и Фејсбук страници.
Нашите готвачи со нивното долгогодишно искуство и тимот во самата кујна се погрижија да направат таков прекрасен склоп на гастрономски вкусови за секој да си пронајде во што ќе ужива.
За ентериерот и топлината на самиот ресторан, професионалноста и љубезноста на нашите послужувачи ќе оставам вашите читатели да дојдат и самите да уживаат и да нè оценат искрено и од срце.
Приготвувате вистинско гастрономско уживање, настан каде посетителите ќе можат да уживаат во 12 различни јадења … Доловете ни за што станува збор?
Да, токму како што кажавте на 24-ти март организираме една прекрасна вечера со ограничен број на гости и тоа не повеќе од 50 гости овојпат, бидејќи менито е малку покомлексно.
Менито ќе има 12 различни јадења и неколку изненадувања, а споени се со 8 прекрасни вина од 8 македонски винарии, од кои една поголема и 7 мали семејни винарии.
Со вака комплексно мени ќе бидеме првите во Македонија и гарантираме дека тоа ќе биде незаборавно гастрономско доживување.
За овој настан директно од Германија ќе допатува нашиот искусен готвач и уметник кога станува збор за храната, Филип Митевски, како дојде до оваа соработка? Зошто токму тој?
Филип Митевски, пред сè е една прекрасна личност, посветен татко и сопруг, кој по потекло е од Куманово, а веќе 10 години работи и живее во Германија, а неговите кулинарски таленти се неспорни.
Многу сум среќен што е дел од мојот живот како прекрасен пријател и другар, но и професионалец со кого имам можност да соработувам.
Идејата за ваков тип на гастрономско уживање ни е од поодамна и можеби веќе 3 години разговараме и планираме да направиме една заедничка вечера јас и тој, токму тука во Македонија.
Ова е моја прва организација од ваков тип, а исто така и негово прво професионално појавување во Македонија како готвач, и ете тој прекрасен план кован три години ќе доживее своја реализација на 24-ти март и верувам дека нема да разочара ничии очекувања.
Со работата што ја работи, љубовта и енергијата што ја внесува во самите јадења, ентузијазмот кој е прикажан во начинот на кој оброкот е сервиран на самата чинија, тој е вбројуван многу високо на ранг-листите меѓу гастрономските великани во Европа.
За тоа ќе ве оставиме да се уверите преку неговите уметнички дела прикажани низ фотографии.
А зашто токму Филип? Јас на тоа прашање ќе ви одговорам вака: „А зашто да е некој странец кога имаме наш, а светски готвач?“
Има и други наши готвачи, кои се од таков ранг како него, некои се тука, некои се во други земји, но сепак се наши. Ајде да промовираме малку повеќе наши луѓе, ајде да покажеме што и какво богатство поседуваме ние.
Виното е совршено надополнување на секој добар оброк, со каква винска карта ќе бидат почестени посетителите на настанот?
Идејата за винската карта е лично моја за промоција на дел од македонските мали семејни винарии коишто ги имаме во сè поголем број, со прекрасни нивни вина, но на листата не може да ги изоставиме и нашите амбасодори за вино Тиквеш винаријата.
Од помалите винарии морам да ги споменам: Попови, Пешков, Картал, Бади, Плоштов, Венец…
Спојот на вината и храната ја направи Јадранка Кларич, сомелиер и сопственик на продавницата за вина, „Вајнбери“ од Скопје каде што можете да најдете етикети на вино што ретко се наоѓаат низ Македонија.
Дали во Македонија се ценат ваквиот тип на гастрономски искуства? Ќе има ли вакви настани од ваша страна и во иднина?
Ваквиот тип на гастрономски искуства, за жал, кај нас многу малку ги има, но веќе во последно време можам да кажам дека се сè поприсутни. Но, дали се ценат? Мислам дека не, пак ќе кажам, за жал.
Ваков настан да се случува во соседните земји ќе ни биде предизвик и ќе отидеме веднаш, а тука кај нас тоа не е баш така.
Се разбира дека ќе има и други вакви настани. Веќе половина од идејата за следниот настан е реализирана и останува уште половина, па планот до септември или октомври ќе биде 100% комплетиран.
За тоа ќе бидете навремено известени бидејќи ќе биде најголемиот настан организиран во Македонија.
https://www.instagram.com/p/Cob5J3pqp_X/
Зошто секој треба да го посети ресторан Løve Restaurant by Alikas?
Ова е најтешкото прашање од сите горенаведени. Јас ќе одговорам вака: „Дојдете, па видете, вкусете и уживајте, а коментарот пред вашето заминување ќе ни го запишете во книгата на впечатоци поставена во самиот ресторан“.
С. С. | Црнобело