„Селектирај – компостирај“ – проект за правилен третман на органскиот отпад во градинките во Велес
- Детали
- среда, 01 март 2023
Велес, 01.03.2023 – Околу 400 деца во сите градинки на територијата на општина Велес ќе имаат можност да го научат и директно да го применуваат процесот на производство на компост од органски отпад.
Станува збор за активност во рамки на проектот „Селектирај – компостирај“ преку која дечињата директно во градинките на мини компостери ќе ги преработуваат остатоците од храна и останатиот органски отпад. Проектот го спроведува ЕД Вила Зора, во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2.
„Овој проект е одличен начин да се стави крај на мешањето на органскиот отпад во комуналниот отпад од една страна, а од друга страна органскиот отпад да се преработи во органски компост кој понатаму целосно ќе се употребува. Компостот ќе се произведува на иновативен начин со помош на електрични компостери, кои ќе бидат поставени во сите клонови на ОЈУДГ „Димче Мирчев“. Целта на проектот е преку подигнатата јавна свест да ги научиме најпрво најмалите деца за поимот органски отпад и како тој се користи а потоа да се вклучат и останатите граѓани“, рече Сашка Коцевска од ЕД Вила Зора Велес.
„Селектирај – компостирај“ е еден од вкупно 20 проекти на граѓански организации кои во моментов се имплементираат во рамки на програмата ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
„Оваа програма е целосно посветена на зајакнување на соработката помеѓу општините и граѓанските организации преку транспарентно и инклузивно доделување на средствата наменети за поддршка на локалните граѓански иницијативи. Токму проектот што го промовиравме денеска во Велес е една успешна приказна, приказна посветена на најмладите членови на нашето општество, која ја потврдува оправданоста на програмата ReLOaD“, изјави постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Имплементацијата на проектот „Селектирај – компостирај“ ја поддржа и Општина Велес.
„Општина Велес е првата општина во државата која помогнала да се инсталираат ваков вид компостери и јас се надевам дека оваа иновативна иницијатива ќе ја преземат и другите општини во државата, пред сè со цел сите заедно да придонесеме децата уште од најрана возраст да ги учиме на грижа за животната средина“, порача градончалникот на Велес, Марко Колев.
Во рамки на втората фаза на ReLOaD, во осумте партнерски општини во земјава ќе се поддржат и реализраат над 50 проекти на граѓански организации, во вкупна вреднос од 900.000 американски долари, од кои директен бенефит ќе имаат околу 5.000 граѓани.